Недостигот на градежни работници во регионот и во Европа уште повеќе ќе го продлабочи проблемот со ваков кадар во државата. Повисоките плати и подобрите услови за работа што ги нудат европските земји и земјите од регионот, ни ги собраа градежните работници. Во моментов, во секторот, просечната плата на општ градежен работник е 24 илјади денари, а на инженерскиот кадар достигнува до 28 илјади денари, што не е ни приближно до просечната плата во државата – 32.508 денари. Голем дел од градежните работници во државата веќе заминаа за европските земји, каде што платите на работниците изнесуваат над 2.000 евра месечно, а на инженерите и над 4.000 евра месечно. Допрва ќе следува недостиг на кадар, кој нема да го прибереме однадвор поради ниските плати. Од Владата велат дека проблемот ќе се решава со увоз на работници од странство. Но, прашањето е кој ќе дојде да работи кај нас со оглед на тоа дека нашите плати се најниски во регионот.
– Вистина е дека градежните работници насекаде стануваат дефицитарни, но, за разлика откај нас, во останатите земји барем се достоинствено платени. Наместо да бараме излез од кризата со барање можност за увоз на работници од Пакистан и од Малезија, апелирам до работодавците да ги зголемуваат платите на вработените, бидејќи профитот што го остваруваат и прикажуваат – го гледаме сите – изјави за ВЕЧЕР Иван Пешевски, претседател на Синдикатот на градежништво, индустрија и проектирање.
Секторот градежништво е неатрактивен за младите поради екстремно тешките и високоризични работни места и ниските плати.
– И пред иницијативата „Отворен Балкан“, голем дел од работната сила во државата си замина и продолжи да гради туѓи економии во високоразвиените земји од Западна Европа, каде што платите на работниците изнесуваат над 2.000 евра месечно, а на инженерите и над 4.000 евра месечно за исто работно време, па поради тоа, домашните работодавци мора сериозно да размислат да ги зголемат платите за да ги задржат квалификуваните работници без кои не би имало ниту градежништво доколку си заминат од државата – вели Пешевски.
Од Синдикатот за градежништво велат дека проблемот со одливот на кадарот е резултат на ниските примања кои ги имаат градежните работници, а кои, според нивните пресметки, изнесуваат 24.000 денари, што ни малку не е доволно ако се земат предвид и условите за работа во кои овие работници ги извршуваат своите работни задачи, некогаш на -20, а некогаш на +40 степени.
– Допрва ќе следува недостиг на кадар, кој ниту малку нема да го прибереме однадвор поради ниските плати и веќе Кина и која било земја од третиот свет имаат далеку поголеми минимални плати од нашата. Вистина е дека градежните работници насекаде стануваат дефицитарни, но, за разлика откај на, во останатите земји барем се достоинствено платени – велат од Синдикатот.
Освен на западноевропските земји, и на Грција ѝ недостигаат 200.000 работници во градежниот сектор – од инженери до занаетчии. Недостигаат работници од тешката механизација, ѕидари, градежници, па дури и инженери, бидејќи во земјата има сè повеќе градилишта.
Претседателот на Здружението на грчките градежници, Димитрис Капсималис, рече дека изградбата на станбена зграда, која претходно траела 18 месеци, сега трае најмалку 24 месеци, можеби и повеќе, бидејќи нема доволно градежници. Од грчките градежни компании сметаат дека за доаѓање странски работници во Грција ќе бидат потребни меѓудржавни договори со други земји.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека најпрво ќе се увезуваат работници од Западен Балкан, а ако има потреба, и од трети земји.
– Прво ќе ги идентификуваме сите сектори и ќе мора да воведеме правила. Нема да дозволиме во одредени сектори 90 отсто од работниците да бидат увезени, а 10 отсто да бидат наши. Мора да има приоритет јавниот интерес и, секако, заштитата на нашите граѓани е на прво место. Ние можеме да обезбедиме да донесeме, да помогнеме, но не тие да бидат носечки кадри. Со стратегијата на носење работна сила да се зголеми конкурентноста, а тоа е прв момент кон зголемување на продуктивноста – вели Битиќи.
Во нашата земја, како што истакнува, веќе имаме работници од Индија, кои работат во автоиндустријата и во секторот за информатичка технологија. Исто така, и во делот во градежништвото имаме работници од источна Турција, а на автопатот Кичево кон Охрид се ангажирани работници од Кина.
Битиќи вели дека сегашната квота е пет илјади на годишно ниво и таа бргу се пополнува. Тој смета дека бројката треба да се зголеми, најмалку двојно.
(А.С.)