Николоски: Оставка од мене може да побара премиерот или народот

21

Оставка од мене може да побара премиерот или да побараат оние што ме избрале, а тоа е народот. Недозволиво е да странска држава да бара оставка да си поднесе потпретседател  на влада и министер. Тоа никаде го нема, изјави вечерва потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски. 

Изјавата на Ноколоски доаѓа по барањето на негова оставка од страна на бугарски политичари. Според него, тоа што го направи Бојко Борисов само покажува што всушност тие сакаат, а тоа е да ги водат политичките процеси во Македонија и да диктираат.

Тој посочи дека од оваа перспектива не е за чудење една информација којашто излегла пред неколку години кога се случи фамозниот Француски предлог, да сакаат обвинителите во Македонија да ги бираат.

-Така што јасна ни е интенцијата, прво сакаат да се мешаат во внатрешните работи и второ, кој е кредибилитетот на човекот што тоа го бара од мене. Јас го кажав тоа, човек кој што беше сликан со прачки злато и стотици илјади евра до него да зборува за моја оставка, извинете не е достоен за таа работа – рече Николоски.

Николоски истакна дека во Бугарија има една екипа од дваесетина личности коишто се обидуваат да ги расипат пријателските односи меѓу Македонија и Бугарија и меѓу блиските македонски и бугарски народ.

-Таа екипа од дваесет политичари и историчари успеа да уништат добри односи помеѓу двата народи, македонскиот и бугарскиот народ се блиски народи и имаат добри односи. Дваесет политичари и историчари од Бугари успеваат да ги уништат тие односи и тие односи да се на рекордно ниско ниво заради овој пристап кој што го имаатм- истакна Николоски.