Железничкото поврзување на коридорот 8 меѓу Македонија и Бугарија станува приоритет на двете земји. Надлежните од двете земји си подадоа рака за соработка и изразија посветеност да продолжат со изградбата. За таа цел, ќе има редовен дијалог на високо ниво, а ќе се формира и заедничка работна група.

Од Европската комисија најавија дека ќе се работи на ново техничко решение, како најлесно да се спојат пругите од двете страни на границата.

– Дополнително, соодветните министерства ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од коридорот. Северна Македонија и Бугарија, исто така, ја поздравуваат поддршката на координаторот на европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на коридорот 8 – информираа од Европската комисија.

Ова го потврди и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој изјави дека е постигната начелна согласност за продолжување на изградбата на пругата, но дека проектот ќе мора да се смени, бидејќи како што е сега проектиран завршниот дел од пругата и нејзината цена на чинење, нема согласност од македонска страна.

– Дијалогот почна во Брисел, нова средба е закажана за 31 октомври. Да видиме. Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив. Нормално, да се разгледа цената, затоа што по оваа цена секако дека не можеме. Јас сè уште сум против овој проект, по кој сигурно нема да се работи, дали ќе работиме по нов, ќе видиме – изјави Николоски.

Во официјалното соопштение на Министерството за транспорт и врски стои дека единствен прифатлив услов за реализација на пругата е ако почне Бугарија со проектирање на тунелска цевка, а двете земји заеднички извршат пробивање на тунелот.

Од СДСМ тврдат дека станува збор за проект подготвен од меѓународни експерти, дека е целосно во согласност со потребите на проектот и дека нема никаква друга пречка да се спроведе.

– Откако ја манипулираа јавноста со месеци, поништуваа постапки, сега се согласија да го градат проектот онака како што беше планирано досега. Единствено што постигнаа е да ги окупираат јавноста и медиумите со своите бескрајни соопштенија и прес- конференции – велат од СДСМ.

(С.Бл.)