Николовски: Со нова владина одлука се спречува злоупотребата на службени возила

23

Нова одлука со која се дефинира и регулира користењето на службените возила во сопственост или користење на државата, беше донесена на денешната владина седница, на иницијатива на заменик претседателот на Владата за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски.

Одлуката, како што информирата од кабинетот на Николовски, е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели.

– Со новите одре​д​би, секое користење на службенте возила мора да одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности, вели Николовски.

Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, се наведува во соопштението од кабинетот на Николовски, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција.

Ова е уште една владина мерка во насока на рационално користење на службените ствари и буџетските средства.

-Во изминатиот период се донесе и веќе се применува одлуката со која се ограничуваат тро​ш​оците за угостителски услуги за работни состаноци од страна на носителите на јавни функции, а со измените и дополнувањата на Законот за јавни претпријатија се ограничуваат надоместоците на членовите на управните и надзорните одбори и се намалува на бројот на членови на управни и надзорни одбори, се вели во соопштението од кабинетот на Николовски.