Низ улиците на Париз тече живот, а под нив царуваат шест милиони костури

26

Мрежа од темни тунели и катакомби, некогашни каменоломи, долги 300 километри и длабоки 20 метри, крие милиони костури, кои во 18 век биле префрлени од преполните црковни гробишта за да се заштити јавното здравје, но и да се ослободи место за градење. На влезот на овој подземен свет има знак на кој пишува „Застанете! Ова е царство на смртта“. Преку броење на коските научниците треба да добијат поточна бројка на луѓе кои биле закопани таму, а преку нивна анализа треба да дознаат кои болести владееле во Париз пред илјадници години, дали тие се исти како денешните, како биле лекувани и оперирани луѓето и дали умирале од болест или биле и отруени

 

На париските улици деноноќно тече живот, а под нив илјадници години царуваат мртвите. Мрежа од темни тунели и катакомби, долги 300 километри и длабоки 20 метри, се протега под Градот на Светлината. На влезот на овој необичен свет има знак кој ги предупредува посетителите со зборовите „Застанете! Ова е царство на смртта“

Посмртните останки на милиони луѓе во париското подземје засега се единствените кои знаат какво било јавното здравје пред илјада години, од што се умирало, какви болести имало, а и колку точно костури има во тунелите. Сега тим составен од археолози, антрополози, биолози и доктори ќе ја прави првата студија за локалитетот преку анализа на остатоците на околу шест милиони луѓе, колку што се проценува дека ги има во катакомбите.

-Навистина е збунувачки што никогаш не е извршено сериозно научно истражување на катакомбите. Нашата студија ќе ја проучи илјадагодишната историја на јавното здравје во Париз и неговите предградија, како и видовите на лечење и хирургија на кои биле подложени луѓето и болестите од кои страдале, објаснува Филип Шарлие, водач на истражувањето.

Во светот има многу костурници, но според него оваа веројатно е најголема и затоа е единствена. Тоа е идеално место за спроведување на антрополошка и палеоантрополошка студија.

Сознанија за тоа како се нашле таму толку многу тела. Кон крајот на 18 век, градските власти одлучиле да ги откопаат телата закопани во заедничките гробници на Гробиштата на невините во подземните каменоломи. Тогаш квартот Лезал во строгиот центар на градот бил изложен на разни заразни болести од инфекции кои избиле поради неправилно погребување на мртвите во масовни гробници во црковните дворови.

-Според приказните, се случувало луѓето да пијат, да јадат и да танцуваат во подрумите на таверните или кабарињата, кога ненадејно се уривал ѕид и од него паѓале тела во различни фази на распаѓање. Тогаш властите сфатиле дека повеќе не е можно париските гробишта да примат толку голем број мртви. Тие одлучиле  да формираат комисија за решавање на тоа прашање, раскажува Шарлие, пренесува РТС.

Било одлучено коските да се преселат во напуштените подземни ходници. Работите  почнале во 1788 година и се вршеле ноќе, под надзор на полицискиот полковник Луј Тиру де Крон.

-Официјалната причина е јавното здравство, но се сомневам дека поради демографскиот притисок во Париз постоел уште еден, поважен финансиски и економски интерес за добивање ново земјиште за градење, истакнува Шарлие.

Се проценува дека посмртните останки на речиси шест милиони луѓе биле префрлени во голем број костурници. Меѓу нив биле и скелетите на гигантите од Француската револуција.

-Тие се фрлени во јами на напуштен каменолом, кој порано се користел за снабдување со камен за изградба на Париз, додава Шарлие.

Меѓутоа, во 1810 година, генералниот инспектор на каменоломот, благородникот Луј-Етјен Ерикард де Тири, одлучил на мртвите да им се искаже почит. Ги аранжирал черепите и долгите, поголеми коски и ги вградил во ѕидовите, давајќи им го на катакомбите денешниот изглед. Со тоа, ги претворил тунелите во место што може да се посетува, од туристите и од други.

Анализите на човечките останки во нив, што сега ги врши тимот на Шарлие од Универзитетот во Версај, се иницирани од уривање на еден од ѕидовите во 2022 година. Освен анализирањето на ампутации, обдукции и балсамирања на луѓе, чии останки се наоѓаат во катакомбите, истражувањето го вклучува и она што научниците го нарекуваат палеопатологија – проучување и утврдување од кои болести и инфекции страдале, како и труење со тешки метали, како на пример олово, жива, арсен и антимон.

Шарлие објаснува дека болестите кои оставаат траги на човечките коски, вклучувајќи рахитис, сифилис, лепра, полесно се идентификуваат, но екстракцијата на ДНК од забите им овозможува на научниците да идентификуваат други инфекции, како на пример чума, кои убиваат премногу брзо за да остават трага.

-Можеме да видиме, на пример, дали сифилисот што убил некого во 16 век е ист како денешниот сифилис и дали еволуирал инфективниот агенс на болеста, конкретизира Шарлие.

Досега неговиот тим скенирал коски и земал примероци. Датирањето со методот со радиојаглерод допрва треба да се изврши, а ќе овозможи да се одреди точната старост на коските.  Простото броење, пак, треба да даде попрецизна процена на бројот на коски во катакомбите. Се очекува дека ќе има повеќе од шест милиони.