Технолошкиот магнат тврди дека фирмата „Д Боринг компани“, чиј основач е, може да го направи трансатлантскиот тунел меѓу Лондон и Њујорк за 1.000 пати помалку пари од проценетите. За таков тунел сè уште нема ниту проект ниту план, а многумина се скептични дека воопшто ќе има, не само поради високата цена туку и затоа што никој не е сигурен дали може технички да се реализира. Досега изведените тунели се многу пократки, а градени се долго време. На пример, тунелот под Ла Манш е долг нешто повеќе од 50 километри, а изградбата траеше шест години. Со тоа темпо, трансатлантскиот тунел, со своите пет и пол илјади километри, би бил завршен за околу седумстотини години
Тунел под Атлантскиот Океан што би ги поврзал Европа и Америка, или Лондон и Њујорк, е неостварен технолошки сон на човештвото, кој одвреме-навреме излегува на виделина.
Неодамна, овој проект, кој би овозможил да се патува од Лондон до Њујорк или обратно само за еден час, беше актуализиран од технолошкиот магнат Илон Маск, кој рече дека може да се реализира по значително пониска цена од онаа со која се „оперирало“ досега. Тој тврди дека фирмата „Д Боринг компани“ може да го направи трансатлантскиот тунел меѓу Лондон и Њујорк за 1.000 пати помалку пари од проценетите.
Маск го објави ова на мрежата „Икс“, која ја поседува, како одговор на објава на платформата за вести „Дејли лауд“ дека „тунел од 20 трилиони долари ќе ве однесе од Њујорк до Лондон за 54 минути“.
– „Д Боринг компани“ може да го направи тоа за 1.000 пати помалку пари – напиша тој, тврдејќи дека тој тунел може да биде изграден со околу 20 милијарди долари, односно со 15,7 милијарди фунти.
Во објавата, „Дејли лауд“ се повика на бројката што се појави неодамна во повеќе вести, вклучувајќи ги и „Њусвик“ и Си-ен-ен, иако не беше наведен научен или инженерски извор.
Кога би бил изграден, овој тунел, за кој долго се сонува, би имал повеќе од 3.000 милји, односно 5,5 илјади километри и би бил најдолг во светот. Сега, најдолг подводен тунел е тунелот под Ла Манш, од околу 50 километри, кој ги поврзува Обединетото Кралство и Франција.
Како што објави „Форбс“, во раните 2000-ти години, американските истражувачи од МИТ, Ернст Франкел и Френк Дејвидсон, предложиле вакуумски воз, кој би го преминал растојанието од 3.500 милји меѓу метрополите со брзина од 1.200 милји на час.
Маск ја основа „Д Боринг компани“ во 2016 година за да изврши слични инфраструктурни проекти, а во 2022 година објави предлог за изградба на тунел за возење под земја како бајпас за сообраќајот во Мајами. Овој и други слични проекти предложени за Лос Анџелес и за Њујорк, досега не започнаа.
А, за подводен тунел од Лондон до Њујорк сè уште нема ниту проект ниту план. Многумина се скептични дека воопшто ќе има, не само поради високата цена туку и затоа што никој не е сигурен дали може технички да се реализира. Досега изведените се многу пократки, а градени се долго време. На пример, тунелот под Ла Манш е долг нешто повеќе од 50 километри, а изградбата траеше шест години. Со тоа темпо, трансатлантскиот тунел, со своите пет и пол илјади километри, би бил завршен за околу седумстотини години.
Во Европа, во моментов се гради норвешкиот Рогфаст, за кој се претпоставува дека ќе биде најдолгиот и најдлабок подморски патен тунел во светот, а во изградба е и тунелот Фехмарнбелт меѓу Данска и Германија.
Освен под море, има замисла и за поврзување на Европа и на САД со тунел во море, односно тој да лебди педесетина метри под површината, со што би се избегнале проблеми со притисокот, а притоа да не се наруши поморскиот сообраќај. Повеќето се согласуваат дека треба да патуваат возовите низ таков огромен тунел, бидејќи со тоа би се избегнала потребата од дополнителна инфраструктура. Што се однесува до самиот транспорт, најверојатни опции во моментов се возовите со магнетно левитирање, кои би можеле да достигнат брзина до неколку илјади километри на час во вакуумска цевка, или возовите на млазен погон, кои, исто така, би можеле да патуваат незамисливо брзо, но ќе бараат огромна количина енергија и ќе им бидат потребни многу време и километри за да запрат. Со воз што левитира, патувањето од Лондон до Њујорк би се намалило од сегашните 8 часа лет со авион на 54 минути.
Инаку, засега најдолгиот подводен тунел, Ла Манш, е отворен во 1994 година, а неговата изградба тогаш чинеше 9 милијарди фунти, односно 11,4 милијарди долари. Денеска тие суми се еднакви на 18,5 милијарди фунти, односно на 23,4 милијарди долари.