Српскиот ракомет подолго време е во пад, а за тоа зборуваше и поранешниот хрватски репрезентативец Горан Шпрем. Тој се присети на одлучувачкиот меч од 2005 година, кога во втората фаза на Светското првенство во Тунис, тогашна Србија и Црна Гора загуби минимално од Хрватска со 24:23.

Србија и Црна Гора во составот со Арпад Штербик, Ратко Николиќ, Жикица Милосављевиќ… поради поразот од „коцкестите“ мораа да играат меч за петто место, на кое и завршија, а Хрватска предводена од Ивано Балиќ се закити со сребрениот медал.

На констатација од еден новинар дали СЦГ во составот со Арпад Штербик е „уништена“ од Хрватрска по првенството во Тунис, односно по решавачкиот меч за пласман во полуфиналето, Шпрем потврдно одговори.

-Точно… Доколку тие не совладаа нас, во полуфиналето ќе се пласираше Норвешка и Србија. Но, ние со победата се пласиравме меѓу четирите најдобри заедно со Шпанија. Тоа беше и фактор на среќа. Јас промашив шут на дваесет секунди пред крајот и наше водство, изјави Шпрем во подкаст за хрватскиот “Инкубатор“

Тој се присети и на драматичниот финиш на мечот.

-Србите го имаа последниот напад… Драган Суџум имаше можност да постигне гол, но Шола одбрани. Одбраната беше такава што повеќе имаше среќа , отколку што беше квалитетна одбрана. Едноставно воденицата можеше да се сврти на другата страна. Доколку Србите тогаш успеаја да постигнат гол, нивниот ракомет би тргнал во нагорна линија, нашиот надолу. Не победија и останаа на тоа ниво, со исклучок на шампионатот во Швајцарија, нив никаде ги немаше повеќе, истакна Хрватот.

Шпрем сепак го заборави Европското првенство во 2012 година во Белград кога Србија го направи најголемиот успех. Тогаш „Орлите“ во полуфиналето ја елиминираа Хрватска, додека во финалето загубија од Данска и мораа да се задоволат со сребрениот медал.