Не само Балканците, и Британците мислат дека дома ништо не функционира, па бараат подобар живот во Дубаи, Сингапур, Танзанија…

64

Пред да истече годинава, 5.300 милионери ќе го напуштат Обединетото Кралство, а 4.200 се веќе отселени. Но од земјата не бегаат само богатите. Последниве месеци во нов живот во странство се упатиле голем број млади луѓе со семејства, токму затоа што не се милионери и не можат да ги издржат трошоците за живот

Малкумина во Велика Британија слушнале за компанијата Henley&Partners. Спорд нејзината веб-страница, тоа e консултантска компанија за миграција. Но, таа не се грижи за малите чамци кои го преминуваат каналот. Нејзини клиенти, всушност, се милионерите и милијардерите на кои им помага да откријат каде да се преселат кога даночниот режим дома ќе стане премногу тежок.

„Да се ​​има алтернативно државјанство или жителство е најдобрата полиса за осигурување“, пишува на нејзината веб-страница, што како што наведува во својата репортажа „Телеграф“, веројатно го кажуваат и трговците со луѓе.

Оваа компанија објавила дека 5.300 милионери ќе го  напуштат Обединетото Кралство пред да истече годинава.

-Веќе изгубивме 4.200 оваа година, очигледно (каде отидоа? Не можат сите да „паднале зад софата“), но уште една флотила ќе отплови во текот на следните неколку месеци по претстојните буџетски каснувања, пишува „Телеграф“.

Според весникот, не бегаат само богатите. Авторката на текстот наведува дека многу нејзини пријатели се отселиле од земјата или најавиле дека ќе се преселат, иако не се богати. Со семејствата одат во странство затоа што сметаат дека во земјата веќе ништо не функционира. Си одат токму затоа што не се милионери, бидејќи трошоците за хипотеки и за грижа за децата станале преголеми.

Нови дестинации за живот за нив се Дубаи,  Абу Даби, Сингапур, Танзанија, Палм Бич… Одат еднаш за да видат како е таму, а потоа се селат.

-За преселбата во странство во последниве години луто се дискутираше меѓу мојата банда, но за многумина тоа се чинеше како сон, нешто што веројатно никогаш не би им се случило. Зошто да поминете низ административните и многу реални проблеми со подигање семејство и напуштање на ОК, на бабите и дедовците и пријателите, за место кое сте го посетиле само еднаш претходно? Но, во изминатите неколку месеци, ветерот го смени правецот и сега се чини дека тоа го прават неверојатен број мои врсници. Никогаш не сум познавала толку многу луѓе кои си одат. Не засекогаш, велат нејасно, „само неколку години“. Но, кој знае?, наведува авторката на репортажата на „Телеграф“.

Таа пренесува искуство на пријател кој се преселил со сопругата и четиригодишното дете во Дубаи. Вели дека детето со други Британчиња оди на училиште каде учи арапски.

-Тој и неговата сопруга сега плаќаат нула данок на доход и ги чини 30 фунти да го наполнат  автомобилот. Многу луѓе се нерасположени за живеење во Дубаи, но, со оглед на мракот овде, се чини дека нема многу двоумење за местото во моментов, пишува весникот.

Размислувајќи за животот во странство неколку години, извесен Том вели дека на крајот ги испровоцирала „совршената бура“ од неуправливи трошоци во Британија со кои не можел да се справи – главно домување и грижа за децата.

-За Дубаи едвај може да се каже дека е евтин и стана многу поскап во изминатите неколку години бидејќи огромен број Руси побегнаа таму, но платите генерално го земаат тоа предвид, вели тој.

Но и таму има замки. Не се плаќа никаково данок на доход, но на пример прашокот за перење е неверојатно скап, висока цена има и секој свеж производ, бидејќи се увезува, но и кириите.

Затоа пак, поседувањето автомобил или користењето такси за Британците се многу подостапни отколку дома и во тој дел се чувствуваат како милионери. Не се многу скапи ни патувањата, зашто Дубаи има нискобуџетска авиокомпанија, што овозможува да се видат дестинации како Непал, Азербејџан…

– Сепак му велам  секому кој размислува да се пресели во странство да го направи тоа. Секако, политиката во  Заливот е контроверзна, но ако сакате да се ограничите само на живот во земја која е чиста, каде ве води тоа? На Месечината, но со ова темпо и таму  зеленчукот би бил многу скап. Мојата единствена грижа, себично, е дали ќе остане некој наскоро, наведува авторката на репортажата.

Според неа стариот акроним, „FILTH“, со значење „ не успеа во Лондон, обидете се со Хонгконг“ сè уште  важи кога луѓето објавуваат дека се движат кон исток. Но тоа не значи дека оние кои се преселиле во странство не успеале во Обединетото Кралство, туку дека Велика Британија ги испуштила.