Пристигнати се околу 150 анкетни листови од жители на населбата Лисиче, по завршениот увид во Деталниот урбанистички план ЈИ09 блок 09.01, кој предвидува изградба на девет згради. Три се осумкатници со приземје, шест ката и со потпокрив, кои се планирани во планот да се градат покрај булеварот „Србија“, на површина каде што сега нема објекти, туку само еден автоплац за продажба на коли, како и 12-катница со приземје, 10 ката и со потпокрив на аголот меѓу булеварите „Србија“ и „12. македонска бригада“. Предвидени се пет згради и покрај „12. македонска бригада“, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да можат да градат згради од приземје, четири ката и потпокрив.
Според Општината, останатите 95 проценти од просторот што е опфатен со ДУП-от не се менува и тој простор и натаму останува за индивидуално семејно домување.
Засегнати жители на населбата каде што се планираат згради, се против планот и бараат да биде повлечен, затоа што, како што велат, не сакаат бетонизацијата да им тропне на врата. Од Општината, пак, велат дека планот е направен по барање на сопствениците на парцелите покрај булеварот „Србија“, простор кој е неуреден и, според планот, треба да се направи голем парк меѓу зградите и индивидуалните куќи во внатрешноста, а не се влегува во зеленилото и патеките пред куќите.
Службите во Општина Аеродром ќе ги разгледуваат анкетните листови на граѓаните, а ќе им бидат прифатени барањата на сите оние што имаат издржани аргументи.
БИРН деновиве објави дека позната градежна компанија, пред изложувањето на планот на јавен увид, лани купила парцела од над илјада квадратни метри и очекуваат на неа да никне 12-катна зграда.
Лисиче е плански изградена населба во 1970-тите, по земјотресот, за семејно домување во куќи и досега никогаш во урбанистичките планови за тој реон не се предвидувале станбени згради.
(С.Бл.)