Српскиот тениски ас, Новак Ѓоковиќ, во поопширно интервју за „Ла Насион“ даде неколку интересни изјави, а најголемо внимание привлече онаа во која вели дека нема намера лесно да се откаже од овој спорт и дека уште не размислува за пензија.
– Прашањето е легитимно, но јас во душата чувствувам дека можам да освојам уште некоја грен-слем титула. Тоа е, веројатно, мојата последна мотивација откако освоив многу трофеи во кариерата. Исто така сум среќен кога играм за Србија во Дејвис купот, но сега знам дека телото повеќе не ме служи како порано.
Некои луѓе ме прашуваат зошто не сум се повлекол по олимпиското злато во Париз, но не би сакал така лесно да се откажам од тенисот, уште долго ќе ме гледате. Има и такви што едвај чекаат да ме снема од големата сцена, но ќе им порачам дека ќе ме гледаат уште некое време – изјави Ѓоковиќ.
Најдобриот српски тенисер во историјата е рекордер кога се работи за грен-слем турнирите и вкупно досега освои 24 титули на најпрестижните светски турнири. Оваа година го освои златниот медал на Олимписките игри, па очигледно е дека уште нема намера да замине во спортска пензија.