Не отварајте сомнителни мејлови, внимавајте кому давате лични податоци!

Зачестени измамите на интернет, најчести жртви повозрасните жени-МВР апелира

18

По зачестените измами на Интернет, Секторот за компјутерски криминал при МВР ги предупредува граѓаните да не ги отвораат сомнителните пораки во своите електронски пошти и да не водат разговори со измамници што се преставуваат на телефон дека се од Пошта.

– МВР ги известува граѓаните дека главна цел на фишинг измамите е да се приберат личните податоци на примателот или да се натера тој да посети лажна веб-страница преку која, со оставање на своите лични податоци, може да се предизвикаат дополнителни злоупотреби на истите. Овој вид фишинг напад доаѓа во форма на СМС-пораки, преку кои се известуваат граѓаните дека имаат наводна пратка на свое име, за која е потребно да доплатат многу мала сума за испорака. Во СМС-пораката, исто така, има линк, кој води до веб-страница што е дизајнирана да изгледа како легитимната веб- страница на Пошта. Преку форма за внесување податоци, граѓаните ги внесуваат податоците од своите платежни картички. Обично веднаш се извршува плаќањето на првобитната сума, за по некое време да се изврши поголема трансакција – предупредуваат од полиција за измамите.

Целта на измамниците е да се украдат личните податоци, а потоа да се злоупотребат. Тоа беше случај кај неколку повозрасни жени од земјава, на кои им беа испразнети личните сметки и за неколку илјади евра, а дел од измамените подигнуваат и брзи кредити, влегувајќи во нова измама со која им се ветува дека ќе им бидат вратени изгубените пари. Измамниците им ветуваат неколкукратна заработка доколку вложат во криптовалути.

– Измамата почнува со тоа што жртвата ќе пронајде и ќе се регистрира на наводна платформа за инвестирање и тргување со криптовалути, за подоцна да биде контактирана (најчесто телефонски) од странски телефонски броеви, од непознатите сторители. Сторителите се претставуваат како советници за инвестирање и финансии и започнуваат интензивна и долга комуникација со жртвите, притоа наведувајќи ги да вложуваат сè повеќе финансиски средства. Во текот на комуникацијата, непознатите сторители цело време напомнуваат дека жртвата во секое време може да ги повлече уплатените финансиски средства, како и остварените добивки. Но, кога ќе дојде моментот за да се оствари тоа, сторителите измислуваат разни препреки и дополнителни давачки за остварување на тоа – информираат од полицијата и апелираат до граѓаните доколку  пронајдат одредени платформи или сервиси за инвестирање од каков било тип, задолжително да извршат проверка на Интернет за нивната легитимност и автентичност, односно дали исполнуваат одредени критериуми за меѓународна регулација за брокери.

Пред неколку дена беше измамена 53-годишна жена од Охрид за 300.000 денари, преку лажна криптодобивка. Според информациите, жртвата добила телефонски повик со кој ѝ било кажано дека нејзината претходна инвестиција во биткоин пораснала на 16.500 долари, но дека за да ги подигне парите, мора да преземе апликација и да има пари на својата трансакциска сметка. Жената подигнала кредит од финансиско друштво, но средствата биле префрлени на туѓа сметка. Во друг случај, повозрасна жена од Скопје пријавила во полициска станица дека била измамена за 215 илјади денари, преку социјалните мрежи, за наводно инвестирање во криптовалути. (П.А.)