Не можеме да се исчистиме, две години хигиеничар е најбараното занимање во Македонија

145

Цели две години, а можеби и подолго, на врвот на најбараните занимања во Македонија е она за хигиеничар. Речиси секој ден има огласи за барем илјада лица за чистење на станбен или на деловен простор.

Со отворањето на големите трговски центри, реално, се зголеми потребата од хигиеничари, но компаниите чија дејност е одржување на станбен и на деловен простор, велат дека реално потребата е многу помала. Од одредени причини, потрагата по хигиеничари е тешка. Како главен проблем се посочува флуктуацијата на вработените.

– Не дека ги нема, проблемот е во тоа што тие постојано флуктуираат, одат од фирма во фирма очекувајќи повисока плата. Тоа се лица без образование или со најмногу основно и добиваат минимална плата, иако имаме вработени и со повисоки плати. Сега времето е тешко, со 18.000 денари не се преживува, па во надеж дека ќе бидат подобро платени, одат во друга фирма и кога гледаат дека и таму е исто, повторно се селат. Некои од нив одат на работа и во странство – изјавија за весникот ВЕЧЕР од една фирма за одржување хигиена на станбен и на деловен простор.

Тие велат дека, според нивните искуства, пред повеќе години на оваа работа се нафаќале и луѓе со високо образование, но денеска работите се сменети. Тие лица имаат повеќе опции, вклучувајќи и работа во странство, па за работа како хигиеничар се јавуваат само луѓе со најмногу завршено четврто одделение основно образование.

Вчера на веб-страницата на Агенцијата за вработување беа огласени над 8,5 илјади слободни работни места, а околу една илјада од нив за хигиеничари на станбен и на деловен простор. Се бараат и над 100 хигиеничари на производствени – работни простории.

Втор на листата најбарани занимања е продавачот. Се бараат околу 500, следуваат општите работници, градежните работници, обезбедувачите на имот и лица, келнерите, шивачите, камионџиите… Од занимањата за кои се бара повисоко образование, односно квалификации, прво е програмер. Вчера, компаниите бараа 144 програмери, па ова занимање беше на релативно високото десетто место на најбарани што ги објавува Агенцијата за вработување. Поголема побарувачка вчера имаше и од образованието, со околу 150 огласени работни места за наставници и за одделенски наставници.

На списокот на невработени што активно бараат работа, најголем е бројот на лицата со никакво или со најниско образование, за кои има и најмногу огласи за вработување. Без образование и со основно образование е секој втор невработен или 68.005 од вкупно 117.049 пријавени невработени на крајот од минатиот месец. Меѓу лицата што бараат работа, според бројот, следуваат невработените со завршено средно образование, кои ги има над 28.000, а во потрага по работно место се и 659 магистри и 22 доктори на науки.

(С.В.)