Не можат да платат билет, бидејќи новите валидатори не работат 

25

Патници сведочат дека кога се возеле на линијата со број 65-б, која сообраќа од Транспортниот центар до Смилковци и обратно, кога влегле во автобусот, валидаторите и на предната и на задната врата не работеле.

– Сите бевме изненадени кога и покрај тоа што не работеа валидаторите и не можевме да платиме билет, автобусот продолжи да сообраќа наместо да застане. Луѓето реагираа за тоа дека би можеле да бидат казнети поради неплатен билет доколку влезе контрола во автобусот – велат патници.

Од ЈСП бараат трпение и објаснуваат дека наскоро ќе има рекламен материјал со упатство за користење на новиот наплатен систем, дека ќе биде поставен и објавен на потребните локации и велат дека контролорите нема никого да казнат поради нефункционирањето на валидаторот

 

Граѓаните што го користат јавниот автобуски градски превоз, покрај тоа што се соочуваат со доцнење на возилата на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, имаат проблем и со наплатата на картата за возење.

Тие реагираат дека сè уште не функционираат валидаторите во дел од автобусите и покрај тоа што се врши замена на старите со нови. Велат дека се оневозможени да го платат билетот за возење.

Патници сведочат дека кога се возеле на линијата со број 65-б, која сообраќа од Транспортниот центар до Смилковци и обратно, кога влегле во автобусот, валидаторите и на предната и на задната врата не работеле.

– Сите бевме изненадени кога и покрај тоа што не работеа валидаторите и не можевме да платиме билет, автобусот продолжи да сообраќа наместо да застане. Луѓето реагираа за тоа дека би можеле да бидат казнети поради неплатен билет доколку влезе контрола во автобусот – велат патници.

Скопјанката Жаклина, пак, имала слично искуство во автобус на приватен превозник, но и таму валидаторите ги поставува ЈСП.

– Се качив на задната врата од автобусот. Сакав да платам со телефон, но кога го поставив телефонот до валидаторот, не реагираше. Тогаш некој од патниците ми рече да одам на предната врата, бидејќи валидаторот на задната бил за картичките „скопска“, а тој на предната за телефони – го пренесува своето искуство Жаклина.

На прашањето зошто и покрај најавата дека брзо по поставувањето на новите валидатори ќе се среди состојбата, не се случува тоа, туку се создаваат уште поголеми проблеми и турканици во автобусите, од ЈСП одговорија дека ден по поставувањето, новите валидатори се во функција и дека овие случаи, можеби, биле токму на денот на поставувањето на новите валидатори на задната врата од автобусот.

Што се однесува до реакцијата на граѓаните дека би можеле да бидат казнети поради неплатен билет во автобус, како резултат на несинхронизираното функционирање на валидаторите, од претпријатието велат дека контролорите се свесни за тоа и дека нема да бидат казнети патниците.

– Контролорот никогаш не може да ги казни патниците доколку не работи апаратот – тврдат од ЈСП.

Оттаму не одговорија кога ќе бидат заменети сите валидатори за на тој начин да се реши проблемот со плаќањето во автобусите, но нагласија дека јавноста навремено ќе биде известена за тоа.

– Бараме трпение. Наскоро ќе имаме рекламен материјал. Нема потреба од паника кај корисниците. Тој рекламен материјал ќе биде со упатство за користење на новиот наплатен систем и ќе биде поставен и објавен на потребните локации – рекоа од ЈСП.

Системот за автоматска локација на возилата и за електронска наплата во нивните автобусите и во автобусите на приватните превозници, според договорот со конзорциумот, софтверската компанија „Аитоникс Македонија“, е во тек, а новите валидатори треба да ги прифаќаат билетите како и досегашните.

Надградбата се врши во три фази. Во моментов се работи на втората фаза, во која се инсталира по еден валидатор во сите возила од новиот надграден систем. Во третата фаза, двата система работат паралелно, при што новиот валидатор во целост ќе ги прифаќа билетите како и во стариот систем.

(А.П.)