Нешто по 1 часот минатата ноќ група од 20-тина лица со качулки излегла од универзитетскиот кампус во густо населена област во Зограф, место во близина на Атина, каде се одржувала забава и запалиле седум автомобили паркирани на околните улици.
Потоа со молотови коктели и камења ги нападнале полицајците кои го набљудувале местото на настанот и поставиле барикади. Околу половина час улицата Имито личела на бојно поле со полицајци кои фрлале шок-бомби за да ги избркаат младите луѓе.
Преплашените жители излегле од своите домови, брзајќи да ги пренесат возилата на безбедно.
Претходно, на протестот во петокот во Атина против реформата на законот за образование, имаше неколку судири меѓу полицијата и демонстрантите, од кои девет беа уапсени. На плоштадот Синтагма, дел од демонстрантите фрлаа молотови коктели и камења кон полицијата, по што полицијата употреби солзавец за да ја растера насобраната група, пишува Прототема.
Грчкиот парламент рано во саботата усвои закон со кој ќе им се овозможи на странските приватни универзитети да отвораат филијали во земјата. Студентите протестираат против тоа, сметајќи дека овој потег ќе ги девалвира дипломите од државните универзитети.