Не започнувам проблеми, Леклер е рамноправен ривал

76

Првата виолина во Формула 1 тимот на Ферари, Германецот Себастијан Фетел, очекува неговиот тимски колега Шарл Леклер да биде рамноправен ривал во претстојната сезона која започнува за помалку од еден месец.

Германецот во последните четири години во тимот од Маринело возеше заедно со Финецот Кими Раиконен, а од оваа година друштво ќе му прави најперспективниот возач во најбрзиот циркус на денешницата.

Фетел, кој во последните две сезони беше единствен конкурент во борбата за титулата на шампионот Луис Хамилтон од редовите на Мерцедес, истакна дека очекува од Леклер да го „стави под притисок“. Запрашан како го гледа Леклер, Фетел одговори: „Како рамноправен ривал“.

  • Има причина поради која е во Ферари и јас тоа морам многу сериозно да го сфатам. Секогаш има големо ривалство со тимските колеги, а но приоритет е заедно да му помогнеме на тимот да напредува. Нормално, подолг период сум тука, можеби и тој на почетокот ќе има поинакви работи, но тој е добро момче и се надевам, во позитивна смисла, дека ќе го оставите да си ја работи својата работа. Сигурен сум дека ќе биде доволно брз за да ме стави под притисок. Ќе видиме што се ќе се случи, изјави Фетел за италијански „Скај“.

Германецот во текот на претсезонските тестирања во Барселона беше најбрз, но и Леклер ја покажа својата моќ на патеката.

  • Не го познавам доволно добро се уште Леклер. Не знам каков ќе биде како тимски колега, сите имаат свои мани и позитивни работи. Ќе бидам искрен, не сакам да започнувам никакви проблеми и не очекувам тоа да го направи Леклер. Се радувам за тоа. Нему му е многу возбудливо со тоа што ќе го вози болидот на своите соништа и тоа можам да го разберам. Иако сум долг период тука и понатаму сум истиот, изјави четирикратниот светски шампион.