Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ денеска изјави дека проектот за Коридотор 8 е најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и оти сите вложуваат максимални напори тој да успее. Поставувањето на првиот вицепремиер и министер за полиитчки систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за координатор на проектот, според него, е поради тоа што има потреба од посилна координација бидејќи повеќе институции се вклучени во изградбата на автопатот.
– Тоа што Владата одлучи вицепремиерот Артан Груби да биде координатор на активностите поврзани со Коридорот 8 значи дека има потреба од посилна координација затоа што има надлежности коишто припаѓаат на Министерството за транспорт и врски, тие се бројни и тие никој не му ги одзема. Напротив, ќе ги спроведува Министерството за транспорт и врски. Но, исто така, има многу процедури и акции коишто треба да се преземат во однос на меѓусебна комуникација на институциите, дозволи, процес на експропријација. Навистина има многу работа во тој проект и затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид на надзор и поддршка на тој процес и тоа не е првпат и тоа не е ништо чудно, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со српската министерка за евроинтеграции.
Коридорот 8, потенцира тој, „е најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и сите вложуваме максимални напори тој да успее“.
– Затоа мислам дека е екстремно важно сите членови на Владата од свој аспект да бидат вклучени во овој проект. Ниту еден член не треба да биде чудно, кој било член на Владата да се вклучи дополнително со екстра напор во спроведување на овој проект, рече Маричиќ.
Во однос на евентуални коруптивни дејства, посочи дека за тоа има институции како Државната комисија за спречување корупција, Јавното обвинителство коишто треба да го кажат своето.
– За Владата ова е најважниот инфраструктурен проект којшто треба да исполни еден европски коридор од Јадранското Море па до Црното Море, додаде Маричиќ.