Не е можно струјата да не поскапи кога имаме скапо домашно производство и уште поскап увоз 

Надлежните уверуваат дека нема да има ценовен шок кај струјата, а енергетските експерти велат дека разликата меѓу поскапо произведената и онаа по која му ја продава ЕСМ на ЕВН – некој треба да ја плати. Со оглед на тоа што немаме доволно домашно производство на струја, мора да купуваме од берзите, која е уште поскапа од домашно произведената, разликата е уште поголема и ако не граѓаните, ќе мора да ја плати или ЕСМ или Владата. – Некој мора да ја плати разликата, бидејќи цената на нивното производство е 100 евра за мегават-час, а тие ја продаваат по 60 евра. Од друга страна, ЕСМ има скапо производство и тоа што не може да го произведе, го купува на берза за над 100 евра за мегават-час, која се очекува во зимските месеци уште повеќе да се зголеми. Би било одлично ако поскапи струјата само за 2 до 3 отсто, како што тврди премиерот, но тука не е само цената на струјата, има и други трошоци како пренос, дистрибуција... Ќе видиме на крај колкави ќе бидат сметките и каква математика ќе направи Регулаторната комисија за енергетика за да нема ценовен шок – изјави Димитров за ВЕЧЕР

733

Граѓаните нема да имаат високи сметки за струја, бидејќи не се очекува поскапувањето на струјата да биде повисоко од 20 отсто. Дека не се очекува финансиски шок од новата цена на електричната енергија, уверува и Зоран Коњановски, директор за производство и член на Управниот одбор на АД ЕСМ. Пред десетина дена, премиерот Христијан Мицкоски рече дека струјата, сепак, ќе поскапи, но дека нема да биде тоа поголемо од три отсто. Проценките од ЕСМ покажуваат дека производната цена на електричната енергија би се движела меѓу 58 и 62 евра за мегават-час, а цената по која го снабдува ЕВН во моментов е 60 евра. Со оглед на тоа што крајната цена на струјата најмногу ќе зависи од цената што ќе му ја понуди ЕСМ на ЕВН, не би требало да има некое поголемо зголемување на цената на струјата во првата половина од 2025 година. Со сличен став е и првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, кој е противник на какви било екстремни шокови во однос на цената и не очекува да има големи разлики во однос на досегашната цена.

Енергетските експерти велат дека не е можно да не поскапи струјата кога имаме скапо домашно производство и уште поскап увоз. Енергетскиот експерт Атанаско Туневски вели за весникот ВЕЧЕР дека ако не поскапи струјата, некој ќе мора да ја плати разликата меѓу поскапата цена на струјата на берзите, онаа од домашно производство и струјата што му ја продава ЕСМ на ЕВН. Ако не ја плаќаат граѓаните, тогаш тоа ќе биде или ЕСМ или Владата.

– Производната цена на струјата на ЕСМ е повисока и таа надминува 100 евра за мегават-час. Во моментов, ЕСМ му продава струја на ЕВН по цена од 60 евра, која во наредниот период ќе биде од 58 до 62 евра за мегават-час, што е далеку пониска од производствената. Од друга страна, пак, цената на струјата на берзите е многу повисока, а ние немаме евтино домашно производство, кое ќе обезбеди поевтина цена на струјата од берзите. Разликата од берзанската цена на струјата, која е многу повисока, и струјата произведена од ЕСМ, која, исто така, е повисока од цената по која му ја продава на ЕВН, мора некој да ја плати – вели Туневски.

Тој вели дека цената на домашно произведената струја е над 100 евра, а на берзите многу повеќе од тоа. Со оглед на тоа што ни недостигаат големи количини за кои треба да се платат сериозни пари, некој мора да го плати тоа – или ЕСМ, или Владата или граѓаните. Може да биде комбинирано. Граѓаните да платат само 2-3 отсто, ЕСМ ќе плати дел од разликата со кредит, а остатокот да го плати Владата, додава Туневски.

И Константин Димитров, универзитетски професор и енергетски експерт, се согласува дека разликата меѓу поскапо произведената и онаа по која му ја продава ЕСМ на ЕВН, некој треба да ја плати. Не е можно да нема зголемување на цената на струјата во услови на скапо домашно производство и на уште поскап увоз.

– Владата ќе му даде кредит на ЕСМ, кој на крајот пак ќе го платат граѓаните. Некој мора да ја плати разликата, бидејќи цената на нивното производство е 100 евра за мегават-час, а тие ја продаваат по 60 евра. Од друга страна, ЕСМ има скапо производство и тоа што не може да го произведе, го купува на берза за над 100 евра за мегават-час, која се очекува во зимските месеци уште повеќе да се зголеми. Би било одлично ако поскапи струјата само за 2 до 3 отсто, како што тврди премиерот, но тука не е само цената на струјата, има и други трошоци како пренос, дистрибуција… Ќе видиме на крајот колкави ќе бидат сметките и каква математика ќе направи Регулаторната комисија за енергетика за да нема ценовен шок – изјави за ВЕЧЕР Димитров.

Инаку, производната цена на електричната енергија во нашиот најголем капацитет, РЕК „Битола“, во моментов изнесува 136 евра, додека на ниво на ЕСМ таа цена е нешто повеќе од 118 евра за мегават-час. Од ЕСМ се оптимисти дека во наредниот период ќе ги намалат производствените трошоци, ќе го зголемат домашното производство, ќе ја намалат производствената цена за 35 до 40 проценти и ќе го намалат увозот на струја.

– Двата капацитета за производство на примарна енергија – јаглен „Суводол“ и „Брод Гнеотино“ имаат можност да продуцираат по 5 милиони тони годишно, што е доволно за работа на трите термоблока во РЕК „Битола“, но таа количина во овој момент не сме во можност да ја постигнеме. Според нашите проекции, ископот од 5 милиони тони би го реализирале во 2027 година, со што или ќе нема потреба за дополнителен увоз на овој ресурс или ќе бидат потребни далеку помали количини за да ги оствариме производствените планови за електрична енергија – изјави Зоран Коњановски, директор за производство и член на Управниот одбор на АД ЕСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека од 1 јануари, сепак, ќе има зголемување на цената на струјата од еден до три проценти.

– Не очекувам да има зголемување на цената на струјата од 20 отсто, како што е случај во повеќето земји од регионот и во Европа. Очекувам, ако има, да биде незначително, во рамките од еден до три проценти. Не очекувам да биде повеќе од тоа – изјави премиерот.

ЕСМ нема помош од буџетот, а има земено кредит од домашните банки. Очекувањата се дека ЕСМ целосно ќе се консолидира на крајот од 2025 година или на почетокот од 2026 година. Од власта тврдат дека за помалку од четири месеци имаат набавено околу 200 до 250 илјади тони јаглен, дека се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени и дека се договара поволна цена на природниот гас, која наместо берза плус 11 евра е берза плус четири евра, а од јануари се очекува дополнително да поевтини.

Цената за пренос и за дистрибуција треба да се донесе до крајот на овој месец, а на струјата – до крајот на годинава и да важи од 1 јануари.

(А.С.)