Не дозволувајте политика да ви се меша во судството!

Распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е мешање во независноста на судска власт и ако тоа се случи, кај ЕУ ќе предизвика сериозна загриженост, предупреди евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, на конференција во организација токму на Судскиот совет, каде што претседателката Весна Дамева и колегите презентираа напредок во спроведување на препораките на Оценската мисија пратена од ЕУ. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, пак, истакна дека Судскиот совет треба да го следи законот и да даде отпор на политичките притисоци. Таа предупреди дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија, бидејќи довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, рече дека е против идејата на премиерот за распуштање на Судскиот совет. Таа смета дека не треба да има колективна, туку индивидуална одговорност 

81

Распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е мешање во независноста на судска власт и ако тоа се случи, кај ЕУ ќе предизвика сериозна загриженост, предупреди евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, на конференција во организација токму на Судскиот совет, каде што претседателката Весна Дамева и колегите презентираа напредок во спроведување на препораките на Оценската мисија пратена од ЕУ.

-Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството, истакна Гир.

Шокантно ниска доверба

Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, пак, порача дека Судскиот совет е важно оружје кое што е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Македонија, во една институција којашто им служи на своите граѓани, ги штити невините и ги казнува оние кои сметаат дека се над законот.  Агелер рече дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија, бидејќи довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска.

-Ќе се согласите дека останува многу пред вас. Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција којашто им служи на своите граѓани, којашто ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно го опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска, истакна Агелер.

Американската амбасадорка истакна дека Судскиот совет треба да го следи законот и даде отпор на политичките притисоци, затоа што земјава има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.

– Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката јасна и не се менува. Работете ја работата којашто треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнеме да стигнете уште понапред на својот пат, рече Агелер.

Индивидуална, не колективна одговорност

Претседателката на судскиот совет, Весна Дамева, во изјава по конференцијата рече дека е против идејата на премиерот за распуштање на Судскиот совет. Дамева смета дека не треба да има колективна, туку индивидуална одговорност,  која точно ќе биде детектирана и санкционирана.

– Како правник, пред сè, не ја поддржувам тезата на колективна одговорност, сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание на разни емоции и слично, рече Дамева.

Таа укажа на некои последици доколку биде донесен нов Закон за Судски совет. Предупреди дека во периодот од распуштање до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, во кој постои опасност да застарат некои дела.

– Ако се оди на принципот на распуштање на Судскиот совет, јас се надевам дека пред сè ќе се почитува Уставот, а тој е јасен. Ако се размислува со промена на овој закон за Судски совет или донесување на нов Закон на Судски совет, немам сомнеж дека ќе биде во согласност со Уставот, но сакам да укажам дека ќе има одредени последици. Во период од распуштање на Судски совет до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, кој иако би бил краток од неколку месеци, сепак постои опасност да застарат одредени постапки, иницирани од граѓани за несовесно постапување на одредени судии, рече Дамева и додаде дека доколку тие постапки запрат, би настанало слична ситуација како со измените на Кривичниот законик каде голем број на обвинети беа амнестирани.

Претседателката Дамева и колегите презентираа напредок во спроведување на препораките на Оценската мисија пратена од ЕУ, чија задача произлезе поради насилната сменана токму на Дамева лани во април, по што Управниот суд ја врати на претседателската функција. Дамева истакна дека Советот веќе има почнато со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките од Оценската мисија на ЕУ и е решен да успее во процесите кои што се во негова надлежност. Дамева посочи дека од минатиот месец тој има двајца нови членови, додека до крајот на годината Советот ќе има уште тројца нови членови.

Премиерот Христијан Мицкоски уште пред изборите ги најави реформите во Судски совет и Советот за јавни обвинители како еден од главните предизвици. Мицкоски е за распуштање на овие тела, кои уживаат рекордно ниска доверба кај граѓаните. Според него, судиите и обвинителите треба сами да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање.

Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, минатиот месец преку писмо до ЕУ и САД, реагираше дека со ваквиот чекор ќе се изврши политички упад во независноста на судската власт. Мицкоски тогаш како мандатар за состав на Влада беше дециден дека реформи во правосудството и Судскиот совет ќе има, но најпрвин ќе ги слушне и мислењата на експертите и нивните потенцијални решенија.