Данска по пауза од една деценија одново играше финале на Европско првенство, но на патот до златниот медал пак ѝ застана моќната Франција. Во спектаклот во Келн „триколорите“ славеа по продолжението со 33:31, а данскиот селектор Николај Јакобсен тешко го прифати поразот и призна дека не ги сака сребрените медали.
„Не ги сакам сребрените медали. Мислам дека ова беше тешко финале, со игра на многу високо ниво од двете селекции. Клучно беше тоа што не ги искористивме шансите кои ги имавме. И затоа сега седиме тука тажни и разочарани.
Повторувам, денес ни се укажаа шанси, не ги искористивме и затоа Франција ја однесе победата. Беа малку подобри од нас во дополнителните десет минути“, рече селекторот на Данска.
Со овој пораз Данска испушти нова шанса да обедини трите големи трофеи. Минатата година стана светски шампион, а летово се играат Летните Олимписки Игри во Париз.