Поранешниот светски тениски рекет број еден, Американецот Енди Родик, го кажа своето мислење за новиот развој на ситуацијата во случајот со моментно најдобриот тенисер во светот, Италијанецот Јаник Синер.

Работата уште повеќе се комплицираше по жалбата на Светската антидопинг агенција (ВАДА) до Судот за спортска арбитража во Лозана и разрешницата на ситуацијата сè уште не е на повидок. Во последната епизода од неговиот поткаст, во која гости му беа и Ким Клајстерс и Крис Еубенкс, Родик кажа што мисли за сè.

– Во сите случаи, ако сте доволно организирани, ако дознаете кој е изворот, без вина, без небрежност, за потеклото на супстанцијата, имате 48 часа да дејствувате од моментот кога сте известени. Разговарај со тимот, со сите, запознај се со проблемот за да можеш да го решиш, што го направи Синер во текот на тие 48 часа. Затоа доби време и не престана да игра. Треба да дадете формален одговор со самодоверба, бидејќи на тоа ќе се заснова вашиот случај. Јаник Синер го направи тоа и затоа повеќето луѓе велат: „Добро, тој доби посебен третман“. Не, тој направи сè и знам дека многумина од вас сакаат да биде суспендиран. Јас не сум против вас, реков во текот на САД опен, ако го суспендираа на шест месеци, немаше ни да трепнам, бидејќи знам дека сите имаме одговорност кон нашиот тим и кон средината – вели Родик.

Американецот сè уште не верува во вината на италијанскиот тенисер.

–  Тој не го направи тоа намерно. Имаше 48 часа, разбра што се случува и одговори за случајот. Можеше брзо да тргне со група скапи и познати адвокати. Тоа не е случај во тенисот, но ако може да си дозволите познат адвокат, нормално е да добиете побрз и подобар резултат – заклучи Родик.

Од друга страна, Ким Клајстерс се залагаше да му се даде поинаква димензија на сè, бидејќи човечката страна на приказната често се занемарува.

– Сигурна сум дека имало играчи кои згрешиле и кои ќе бидат фатени. Но, во оваа спомената ситуација, мислам дека треба да се фокусираме на хуманата страна на приказната, за тоа што го прави сето тоа врз Јаник на ментално ниво. Луѓето мислат дека сте робот, излегуваш, играш и сè е во ред, но, според мене, не ги земаат доволно предвид тие работи – заклучи Белгијката.