Најгледаниот филм во Франција во 2024 година, комедијата „Нешто малку поинакво“ (A Little Something Extra / Un p’tit truc en plus), деновиве ја имаше својата ексклузивна проекција пред македонската публика, во салата „Синеплекс“ во Скопје. Оваа комедија во режија на Артус, со Артус, Теофил Лерој, Лудовик Бул, Станислас Кармонт во главните улоги, ќе ве насмее и ќе ве освои. Таа носи духовит и трогателен поглед на животните предизвици, со многу срце и емоции.

Филмот е прикажан во рамките на гала филмската вечер „Најдоброто од Франција“, во организација на Францускиот институт во Скопје, а по повод  одбележувањето на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје. Се работи за ексклузивна премиера во регионот на најуспешниот филм во последните 10 години во Франција, со досега над 10 милиони продадени влезници.

Комедијата „A Little Something Extra“, со протагонисти со попреченост, не е само најголем хит на годината досега туку и француски филм со најголема заработка од пред пандемијата.

Откако ограбиле продавница за накит и откриле дека нивниот автомобил е одземен, татко и син решаваат дека најдобрата шанса да ја избегнат полицијата е да се приклучат на летен камп за млади возрасни лица со ментална попреченост, каде што се преправаат дека се учесник на кампот и негов специјализиран воспитувач.

Ова го означува почетокот на серијата неволји и длабокото човечко искуство што ги трансформира засекогаш. Она што започнува како очаен план за бегство и случај на погрешни идентитети, се претвора во неочекувано патување на личен раст и поврзување, менувајќи ги нивните животи на начин што никогаш не го очекувале. Низ серија забавни и емотивни моменти, таткото и синот откриваат многу повеќе за себе, за својата врска и за вистинското значење на заедништвото.

Филмот на Артус е вистинско освежување, комедија што се издвојува по суптилниот хумор и по искрениот пристап кон човечките односи. Режисерот Артур, кој и самиот игра во филмот, толкувајќи една од главните улоги, одлично ја балансира чистата комедија со трогателните моменти.

Оваа филмска приказна со духовити дијалози и со комични заплети ги истражува универзалните теми како љубовта, пријателството и потрагата по себе.

Актерската екипа надополнета со споредни ликови е силна, со извонредни изведби што го збогатуваат главниот заплет. Врската што ја создаваат ликовите ѝ дава дополнителна длабочина на приказната, а енергијата на филмските сцени е збогатена и надополнета со одличен избор на музика.

Оние што го гледаа филмот, топло го препорачуваат.

Накратко, „Un p’tit thing en plus“ од Артус е комедија што има посебен шарм, што ќе ве насмее, разнежи и ќе ве натера на размислување.