„Нешнл интерест“: Договор за име постигнат во ера на национализам

102

Она што на многумина може со право да им изгледа како мало прашање, одлуката за промена на името од „Македонија” во „Северна Македонија” вклучуваше дваесет и седумгодишен спор за името помеѓу Скопје и Атина. Во срцето на овој спор се поставени прашањата на модерната европска историја, национализам и тешки меѓусоседски односи, пишува влијателното американско списание „Нешнл интерест“.

Спорот за името меѓу Скопје и Атина вклучуваше речиси три децении конфронтација и беше емотивно набиен кај двете страни, кој резултираше со вето од грчката страна со кое ги блокираше евроатлантските интеграции на Македонија. И покрај негативните последици по стабилноста и економскиот развој на Македонија, спорот, од друга страна, се покажа корисен за корумпираните политичари во земјата кои го користеа како жртвено јагне за недостигот на реформи и изговор за слабиот развој, објавува списанието кое е публикација на тинк-тенк Центарот за национален интерес, основан од американскиот претседател Ричард Никсон.

Ситуацијата се смени кон крајот на 2016 година по убедливата победа на коалицијата против дотогашниот премиер Никола Груевски, кога новиот претседател на Владата Зоран Заев вети нова ера за македонската политика, заснована на добрососедски односи и евроатланска интеграција. Како резултат на тоа, новиот договор за спорот за името помеѓу Скопје и Атина беше постигнат во јуни 2018 година на брегот на Преспанското Езеро, со симболичко име „Преспански договор”. Документот од деветнаесет страници го означи почетокот на крајот на спорот. За целосна имплементација неопходни се уште потешки чекори, се наведува во текстот.

Последните неколку месеци не се покажаа лесни за Атина и Скопје. Компромисот претставува еден од најневеројатните во сегашната ера. Наспроти сите шанси, за Балканот се испишува нова страница. Како што рече грчкиот премиер Алексис Ципрас „омразата на национализмот, спорот и конфликтот ќе бидат заменети со пријателство, мир и соработка”.

Во време кога европската политика се преобликува со оживување на национализмот и разгорено јавно незадоволство, поттикнати од кризата на Еврозоната во 2008 година и масовните имиграциски бранови 2015-2016, се чини дека европските политичари можат да научат некои лекции за политичката визија од Балканот . Додека политичкиот центар се стеснува и радикалниот бунт зборува за потребата политичарите подобро да ги разберат потребите на народот, лидерите треба да покажат визионерско лидерство, а не да станат плен на модерната политика чиј ангажман се води од стравовите на електоратот, станувајќи едноставни следбеници на јавното мислење. Лекцијата што доаѓа од Балканот е дека времето и стратегиската визија се сè. Сега Ципрас и Заев се номинирани да ја добијат Нобеловата награда, по примерот на ЕУ во 2012 година, објавува „Нешнл интерест“.

Преспанскиот договор треба да се користи како преседан за тоа како проблемите и споровите треба да се решат на Балканот. Постојат многу емоционално наелектризирани тензии и спорови кои треба итно да се решат, почнувајќи од најитниот – помеѓу Србија и Косово.

Идното членство на Северна Македонија во НАТО, на кое чекаше од 1999 година, ја става земјата под закрила на стабилност и безбедност, во регион каде сé уште има многу џебови на несигурност. Исто така претставува силен сигнал дека примамливиот модел на Западот е моќен и незаменлив на Балканот, способен да се натпреварува со демократските вредности и просперитет што ги нуди трансатлантската заедница. Русија, иако нема кохерентна стратегија кон регионот, го зголеми своето присуство како опортунист на Балканот, како дел од поголема геополитичка игра и мешање во интересите на Западот. Членството на Северна Македонија во НАТО може да се смета за неуспех за Русија, и покрај тоа што таа се мешаше во процесот на промена на името, надевајќи се дека ќе го спречи овој исход, слично на она што се случи со Црна Гора пред една година. Новата членка на НАТО на Балканот е клучна за стабилизирање на регионот, зајакнување на Западот на Балканот и справување со малигните влијанија на трети актери.

Во контекст на огромната несигурност, раководствата на САД и ЕУ (главно Германија) покажаа дека на Балканот може да се јават позитивни промени, и дека директниот и одржлив ангажман се исплати, што ќе доведе до поголема регионална стабилност и интеграција.

Крајот на спорот за името меѓу Скопје и Атина е победа за НАТО, но и за Европската унија. Членството во НАТО треба да биде проследено со друга награда – членство во ЕУ. Како што ни кажува неодамнешната историја на Европа по Студената војна, членството во политичко-воената алијанса на НАТО честопати беше проследено со членство во економскиот и политичкиот сојуз на Европската унија, се посочува во написот.

Претстојниот самит на Европскиот совет во јуни, на кој ќе се разговара и за проширувањето на Западен Балкан, не треба да ја повтори грешката од последните години и да ја пропушти можноста да го придвижи процесот на проширување на заслуженото политичко ниво од сегашното техничко ниво. Ова е полесно да се каже отколку да се направи, земајќи ги предвид претстојните избори за Европскиот парламент кои би можеле да го променат сегашниот оптимизам за иднината на Балканот. Се подразбира дека најголемиот товар за преземање на сериозни политички и економски реформи се потпира на лидерите и владите во регионот. Тие мора да дејствуваат многу брзо за да имаат реални шанси за успех, заклучува авторот на текстот објавен во „Нешнл интерест“.