Нетанјаху: Нема замена за победата над Хамас

22

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска потврди дека израелските сили оперираат во Рафах на југот и северот на Појасот Газа и дека нема замена за поразувањето на Хамас.

Тој на почетокот на редовната седница на неговата Влада изјави дека „секојдневно се убиваат десетици терористи“.

„Тоа е тешка борба и се води над земја, понекогаш лице в лице, а исто така и под земја“, рече израелскиот лидер.

„Ние сме посветени на борбата додека не ги постигнеме сите наши цели, елиминирајќи го Хамас, враќајќи ги сите наши заложници и обезбедувајќи Газа никогаш повеќе да не претставува закана за Израел и нашите граѓани безбедно да се вратат во своите домови на север и на југ“, додаде Нетанјаху. алудирајќи на речиси секојдневната размена на оган со либанскиот екстремистички Хезболах на север на израелско-либанската граница.

„Повторувам на секој што се сомнева во остварувањето на тие цели, победата нема замена. Нашите борци не паднаа залудно. Нема да ја прекинеме војната додека не ги постигнеме овие цели“, рече премиерот на Израел и најави дека во текот на денот ќе ја процени состојбата со Јужната команда на израелската армија и внимателно ќе го следи напредокот во битките и плановите за постигнување целите на војната.

Тој им изрази сочувство на семејствата на „храбрите борци кои паднаа борејќи се во Појасот Газа и Јудеја и Самарија (библиското име за Западниот Брег) во текот на изминатата недела“ и рече дека Израел е „посветен на заветот на паднатите да продолжи до апсолутна победа над Хамас“.

„Во однос на светата мисија за ослободување на нашите заложници, нема промена во ставот на Израел за предлогот за ослободување што го поздрави американскиот претседател Џозеф Бајден. Денес сите ја знаат едноставната вистина, Хамас е единствената пречка за ослободување на нашите заложници“, заклучи Нетанјаху.

Тој најави и дека со комбинација на дипломатски и воен притисок, особено воен, ќе бидат вратени сите 120 заложници, живи и мртви.

Кабинетот на Нетанјаху синоќа издаде соопштение дека Израел е посветен на условите од предлогот за договор за прекин на огнот што Бајден го претстави на 31 мај, по извештаите дека САД менуваат некои услови за да постигнат договор.