Нетанјаху му порача на Гутереш: Веднаш повлечете ги мировните сили од либанската „опасна зона“

702
EPA EFE ABIR SULTAN

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика Обединетите нации да ги отстранат своите мировни сили од „опасната зона“ на Либан. Во директен апел до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, премиерот на Израел рече дека „фактот што одбиваат да ги евакуираат војниците на УНИФИЛ ги прави заложници на Хезболах“.

„Време е да се отстрани УНИФИЛ од упориштата на Хезболах и од областа на борбените операции“, рече Нетанјаху, според Скај њуз, цитирајќи дека израелската армија постојано го поднесувала барањето, но тоа било одбиено.

Според него, тоа ги загрозува и нив и животот на израелските војници.

Нетанјаху рече дека Израел жали за повредите нанесени на мировниците и прави „се“ за да го спречи тоа.

Но, како што додаде, „едноставен и очигледен начин да се обезбеди тоа е да се извлечат од опасната зона“.

„Господине генерален секретар, извадете ги силите на УНИФИЛ од опасност. Ова треба да се направи веднаш, веднаш“, рече Нетанјаху.

Петмина мировници се повредени за време на судирите на Израел со Хезболах од четвртокот, а уште најмалку четворица се повредени во израелските напади.

УНИФИЛ моментално има повеќе од 10.000 војници од 50 земји и околу 800 цивилен персонал. Нејзиниот мандат секоја година го обновува 15-члениот Совет за безбедност на ОН.

Мировниците имаат задача да го одржат мирот и да ги намалат тензиите по „сината линија“ што го дели Либан од Израел и Голанската висорамнина окупирана од Израел.