Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва изјави дека расте притисокот да се стави крај на војната во Газа, но нагласи дека ќе му се спротивстави.
Тој на прес-конференцијата рече дека офанзивата во Појасот Газа ќе продолжи до „целосна победа“, пишува „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека покрај конфликтот во Кан Јунис, ИДФ ќе се фокусира и на борбата против Хамас во централниот дел на Појасот Газа и Рафах, град на границата со Египет.
– Оние кои нема да учествуваат во борбите ќе бидат евакуирани, ќе им биде испратена хуманитарна помош, а меѓународното право ќе се почитува – рече Нетанјаху.
Тој посочи дека Израел ќе направи сѐ за да ги врати заложниците кои ги држи Хамас во Појасот Газа.
– Барам да се објават имињата на сите заложници кои треба да бидат ослободени како дел од предложениот договор – рече израелскиот премиер, додавајќи дека е „прерано“ да се каже дали ќе се постигне договор.
Тој нагласи дека Израел „во секој случај нема да капитулира пред барањата на Хамас“.
– Решени сме да ги вратиме сите заложници – рече Нетанјаху.