Несовесни кавадарчани палат кабли и стари предмети од домаќинства за да извадат бакар, при што го загадуваат воздухот во градот, стои во извештајот за аерозагадувањето во Општина Кавадарци, доставен до Советот на општина Кавадарци.
-Станува збор за лица кои живеат по течението на реката Луда Мара, под шумарското училиште. Во координација со Полициската станица од општа надлежност, инспекцијата за животна средина и Територијалната противпожарна единица, се преземаат сите законски мерки против загадувачите, стои во извештајот.
Во него, се потсетува и на актуелниот проблем со неконтролирано палење на лозови прачки на отворен простор, со што се предизвикуваат пожари и се загадува околината. Поради ова, пожарникарите интервенирале и до пет пати во еден ист ден. И за решавање на овој проблем надлежните постојано биле во контрола, а од страна на инспекцијата се поведувале прекршочни мерки против несовесните.