Освен што не се проектирани за брзини поголеми од 120 км на час, по нашите автопатишта има сериозни оштетувања на коловозите поради што мораат да го забават возењето, а возачите негодуваат и на големиот број наплатни станици на секои 30 до 40 километри, и велат дека од премногу кочење ги прегреваат гуртните на тркалата.
Велат дека при возењето се заморуваат затоа што потребно е да бидат максимално сконцентрирани и цело време да го држат воланот со двете раце, бидејќи возилото им потскокнува и тешко го смируваат дури и кога возат побавно – под 100 км на час.
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈП ДП) среде туристичка сезона реконструира две делници на автопатот „Пријателство“ на коридорот 10, кој е главната сообраќајна артерија за транзитирање на туристите од земјава и од Србија кон летувалиштата во Грција. Само што ќе се помине патарината кај Петровец во правец кон Катланово, фреквенцијата на возила е мошне голема, а се вози само по една лента, бидејќи патот се прави веќе две години, иако договорот беше делницата да се заврши за една година.
Пролонгирањето на работите дојде бидејќи беше раскинат договорот со фирмата – изведувач, а новата фирма која од април годинава продолжи на терен, дава надеж дека работите ќе бидат готови следната година.
– Рехабилитацијата на А1 автопатската делница Катланово-Петровец е со цел да се подигне нивото на безбедноста на учесниците на сообраќајот. Овие вкупно десетина километри што се рехабилитараат на левиот и десниот коловоз ќе бидат проширени со уште една лента со што ќе се добие комплетна автопатска делница по сите стандарди. Проширувањето се одвива во внатрешниот зелен појас на автопатот, а вредноста на договорот е 6,3 милиони евра, средства обезбедени од ЕБОР. Се работи со засилено темпо, се надеваме дека до крајот на годинава, како што е предвидено со договорот, ќе се испочитува рокот за градба и ќе возиме по нов автопат – вели директорот на ЈП ДП, Ејуп Рустеми.
До април наредната година ќе се реконструира и автопатската делница Неготино-Демир Капија во должина од 15 километри. Делницата во правец од Гевгелија кон Скопје е затворена за сообраќај од почетокот на мај, а возачите се пренасочуваат на стариот пат меѓу Демир Капија и Неготино. Проектот за рехабилитација чини 9 милиони евра, а средствата се обезбедени од ЈП ДП. Оваа патна делница беше една од полошите патни делници на Коридорот 10, не беше рехабилитирана цели 20 години и ова беше барање на сите граѓани, особено на оние кои гравитираат кон овој дел од државата.
– Се рехабилитира коловозот во двата правци и очекуваме догодина туристичката сезона да ја дочекаме со рехабилитиран и побезбеден автопат бидејќи токму за овој дел од делницата имавме и реакции од граѓаните – рече Рустеми на промоцијата на проектот и најави иста ваква активност и на автопатската делница Скопје-Тетово, која е дел од коридорот 8, бидејќи и таму има големи оштетувања на коловозот.
Додека во други земји вакви зафати на патиштата се прават за краток рок и строго се внимава на временскиот период во кој се работи, кај нас градењето е со години и остава грда слика за една транзитна земја која ја поврзува Европа со туристички развиената Грција.
– Свесни сме дека градежната и туристичката сезона се поклопуваат, но градежните компании коишто работат на сите наши патишта зависат од доброто време и од условите за работа. Ударна сезона за градење е пролет – лето – есен, а дождливата пролет, како оваа, претставува проблем и ги забавува градежните активности затоа што најголемиот дел од нив се одвиваат само на суво време – вели Рустеми.
За возачите проблем се и петте патарини колку што ги има по автопатот „Пријателство“, за кои освен што во еден правец треба да се платат 360 денари, го забавуваат сообраќајот. Лани на двата коридори вкупно транзитирале 52 милиони возила од сите категории. Ваквиот сообраќај на ЈПДП му донесе рекорден приход од над 53 милиони евра, што претставува зголемување на остварениот приход за 15 проценти.
– И за оваа 2023 година проекциите се движат во нагорна линија и очекуваме приход од околу 56 милиони евра. Ова значи добивка не само за ЈП ДП, туку добивка и за граѓаните и за државата, бидејќи сите овие средства се инвестираат во нови патишта, во рехабилитација на постојните и во одржување на сите други регионални патни правци – вели Рустеми.
Веќе осма година по ред се гради автопатот Кичево – Охрид
На коридорот 8, пак, кој води кон нашиот најголем туристички центар, Охрид, се гради автопатот Кичево – Охрид, веќе осма година по ред. Првите луѓе на Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, Благој Бочварски и Ејуп Рустеми, постојано се на терен и ги надгледуваат работите, со цел да биде запазен рокот за конечно завршување на овој автопат, а тоа е до крајот на оваа година.
Изградбата на автопатот стартуваше во 2014 година во мандатот на претходната Влада. Требаше да биде готов до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот прво беше продолжен 30 јуни 2021 година. За 2022 година беше ветено дека ќе бидат пуштени во употреба првите 20 километри од автопатот.
– Со министерот Бочварски сакавме и лично да се увериме во започнатото асфалтирање кај Подмоље на делот од автопатот Кичево-Охрид и уште еднаш да побараме од изведувачот да ги заврши работите во предвидениот рок. Сега откако се решени преку 3.500 предмети помеѓу државата и граѓаните на целата траса на изградба на автопатот Кичево – Охрид, откако ЈП за државни патишта направи дури 72 препроектирања, проектирање на клучки кои не беа предвидени, да репроектира најголем дел од косините, но и да реши многу имотноправни проблеми и експропријации, имаме засилена динамика на градежни активности – вели Рустеми.
– Сакаме обновени и рехабилитирани патишта насекаде низ државата, а уште повеќе низ нашите познати туристички места – сè со единствена цел, граѓаните да добијат достојни сообраќајници, но и да добијат зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот – дециден е Рустеми.
Оваа 2023 година е краен рок за автопатот Кичево – Охрид кој ќе биде долг 57 километри, а чија изградба ќе стигне до фантастични 598 милиони евра, или во просек 10,5 милиони евра по километар. Оваа есен се очекува да биде почеток за изградба на автопатските делници на коридорот 8 што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.