Некој треба да трча за избори:Пошта вработува 280 поштари, Антикорупциска вели- не е во ред!

Од кабинетот на директорот на Пошта, Ејуп Рустеми, велат дека овие вработувања се потребни за да се извршува основната дејност, а тоа е  достава на пратките и појаснуваат дека всушност бараниот број пошторазнесувачи претходно бил ангажиран со договор за услуга

250

На неполни два месеца пред парламентарните избори акционерското друштво Пошта на Северна Македонија вработува 280 лица на неопределено време. Ова ја разбранува јавноста, со оглед на тоа што се работи за акционерско друштво во државна сопственост.

Со огласот се бараат пошторазнесувачи за повеќе градови од државата, најмногу за Скопје – 107, а потребни се и за Кавадарци, Прилеп, Штип, Кочани, Тетово, Охрид, Гостивар, Кичево, Велес, Битола, Куманово, Гевгелија и Струмица.

Основната нето плата е 17.656 денари, а кандидатите треба да имаат образование од четврт степен, односно средно ПТТ, средно економско, гимназија или друго средно училиште. Работно искуство не е неопходно.

Од кабинетот на директорот на Пошта, Ејуп Рустеми велат дека овие вработувања се потребни за да се извршува основната дејност, а тоа е достава на пратките и појаснуваат дека всушност бараниот број поштопразнесувачи претходно бил ангажиран со договор за услуга.

-Имајќи предвид дека основната дејност на Пошта на Северна Македонија  како назначен давател на поштенски услуги на целата територија на државата е достава на сите видови на поштенски пратки, а заради одлив на пошторазнесувачи по различни основи, компанијата распиша оглас за вработување на 280 пошторазнесувачи. Овој број на пошторазнесувачи во изминатиот период беше ангажиран со договор за услуга – договорен пошторазнесувач и не беше опфатен со последниот конкурс кога беа примени 80 шалтерски работници, се вели во писмениот одговор на директорот на Пошта.

Оттаму додаваат дека неопходноста од прием на пошторазнесувачи е со цел да се обезбеди давањето на универзалната поштенска услуга како услуга од јавен и економски интерес на целата територија на државата со утврден квалитет и пристапни цени за корисниците.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека не се во ред вработувањата пред избори, иако тоа не е забрането со закон.

-Ова не е во ред. Постапката за прием на овие вработени нема да заврши до почетокот на изборите, па ова може да биде тргување со влијание кон луѓето што ќе се примат, вели претседателката на антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

Таа додава дека ваквите конкурси не се забранети со закон, но како што потенцира, не мора се да биде напишано во законите, нешто може да се остави и на интегритетот на луѓето.

Во последните четири месеци ова е втор конкурс на Поштата за вработување поголем број работници. Во октомври беше распишан конкурс за 80 нови вработувања.

Пошта е само една од институциите и фирмите под државна капа во која пред избори се примаат нови работници. Деновиве дополнителната заменик министерка во Министерството за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска забележа дека во нејзини раце на потпис не дошло ниту едно од новите вработувања и ја праша министерката Нина Ангеловска колку известувања за обезбедени средства за вработувања има издадено во периодот од дознавање за одржување на предвремени парламентарни избори до денес, како и колку пари ќе потроши државата за тие вработувања.

(С.В.)