Нема раст ако главни економски мерки се унгарскиот кредит и покачувањето на пензиите

-Според Виенски институт за меѓународни економски студии, проблем е и што новата влада не успеа во овие први четири месеци да презентира уверлива визија за економскиот развој на земјата. Сè што видовме на економски план е заем од Унгарија од 500 милиони евра, а тоа не може да ви биде главна економска мерка. Да било толку лесно, да било решението во задолжувањето, немаше да има сиромашни земји на светов. Така што, ако Владата сака да ги подобри економските изгледи на земјата, мора под итно да го претстави својот економски план, вели за весникот ВЕЧЕР, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ. И за универзитетскиот професор Ванчо Узунов лошите прогнози за македонската економија се очекувани и објективни, особено поради фактот што Владата се занимава само со кадровски промени, со унгарскиот кредит и со покачувањето на пензиите. Сличен став има и Синиша Пекевски, според кого вложувањето во општински проекти наместо во реални економски проекти, кои ќе донесат дополнителна вредност, само ја зголемува задолженоста и јавниот долг, но и дава лош сигнал на инвеститорите

653

Лошите прогнози на Светска банка и на ММФ не ги изненадија економистите, но ја изненадија Владата. Сите институции ги намалуваат проекциите за растот на Македонија оваа година и наредната. Според економистите, тоа се должи на надворешни фактори како војната на Блискиот Исток и во Украина, рецесијата во Германија, но пред сè на внатрешните фактори – недостиг на структурни реформи, инвестиции и отсуство на план за економски раст. Досега Владата се фокусираше само на заемот од Унгарија, кадровски промени и покачување на пензиите, а не на вистински економски реформи.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за меѓународни економски студии смета дека причината за лошите прогнози за раст на македонската економија се должат на надворешно, но и на внатрешни фактори.

-Сите институции ги намалуваат проекциите за растот на Македонија оваа година и наредната. За оваа година, Светска банка ја намали прогнозата за економски раст на 1,8 отсто, исто како и нашиот институт. Проекциите на ММФ очекувам да бидат слични. Ова се должи и на надворешни, т.е. објективни фактори, кои се надвор од наша контрола, но и на внатрешни, односно субјективни фактори, на кои Владата може да влијае. Објективните фактори се дека состојбата во Германија не е добра – Германија две години по ред ќе има или рецесија или стагнација, а македонската економија е премногу зависна од неа – дури 40 отсто од македонскиот извоз завршува во Германија, што е најмногу во цела Европа. На тоа не можете многу да влијаете, особено не на краток рок, изјави Јовановиќ за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека субјективни фактори за слабиот раст, според Светска банка, тоа се пред сè слабите капитални инвестиции.

-Според нашиот институт, проблем е и што новата влада не успеа во овие први четири месеци да презентира уверлива визија за економскиот развој на земјата. Сè што видовме на економски план е заем од Унгарија од 500 милиони евра, а тоа не може да ви биде главна економска мерка. Да било толку лесно, да било решението во задолжувањето, немаше да има сиромашни земји на светов. Така што, ако Владата сака да ги подобри економските изгледи на земјата, мора под итно да го претстави својот економски план, вели Јовановиќ.

И за универзитетскиот професор Ванчо Узунов лошите прогнози за македонската економија се очекувани и објективни, особено поради фактот што Владата се занимава само со кадровски промени, со унгарскиот кредит и со покачувањето на пензиите.

-Лошите прогнози на Светска банка за некој се зачудувачки, но за економистите се очекувани и објективни. Прво војната на Блискиот Исток и во Украина негативно влијае врз светската, а особено врз нашата економија. Рецесијата во Германија исто така со која македонската економија е многу тесно поврзана, влијае негативно врз трговската размена, а особено врз извозот. Половина година поради изборите реформите беа запрени и тоа го забави економскиот раст, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ванчо Узунов универзитетски професор.

Според него, покачувањето на пензиите и задолжувањето од Унгарија не се развојни политики. На државата ѝ се потребни структурни реформи, како и странски инвестиции.

-Она што повеќе го загрижува е отсуството на развојна економска политика во државата. Проблемот не е само во опкружувањето, туку и дома. Владата треба да почне со структурни реформи, а не да се занимава само со кадровски промени, со унгарскиот кредит и со покачувањето на пензиите. Потребно е да се види што произведуваме, што извезуваме и тоа да биде поддржано со мерки од Владата. Доста дававме субвенции за нешто што не може да го извезуваме, тие пари да може да ги пренасочиме кон иновации, технолошки развој и производи со поголема додадена вредност. Со други зборови повеќе да се фокусираме на инвестициите и извоз, отколку на дневно-политички теми, додава Узунов.

Според аналитичарот Синиша Пекевски основа за лошите проценки се  непостоење на желба да се променат работите.

-Лошите проценки и проекции не ме изненадуваат бидејќи се направени на реална основа и во анализата се земени предвид сите параметри. Високата корупција која владее во Македонија и непостоење на вистинска волја и желба да се променат работите, како и нашата инертност и неспособност се основа за лошите проценки. Дополнително вложувањето во општински проекти наместо во реални економски проекти, кои ќе донесат дополнителна вредност, само ја зголемува нашата задолженост и јавен долг, но и им покажува на инвеститорите лош сигнал, вели за весникот ВЕЧЕР Пекевски.

Според него, стагнацијата на проектот „Бехтел и ЕНКА, кој почна пред повеќе од една година и за кој се префрлени над 250 милиони евра, само ја отсликува лошата состојба во државата и економија.

Економистите заклучуваат дека без реално вложување во економијата и вистински проекти, сликата и проекциите ќе бидат уште полоши.

(А.С.)