Парламентот денеска не го усвои Предлогот за измени на Законот за патните исправи, кој, предвидуваше важноста на старите пасоши да биде продолжена до крајот на годинава, односно до 31 декември, и со тоа да се остави простор на институциите за техничко спроведување на замената на пасошите со новиот назив на државата како обврска преземена со Преспанскиот договор.
Против предложените измени гласаа 54 пратеници, односно пратениците на владејачките партии СДСМ, ДУИ и НСДП, додека за продолжувањето на рокот беа 46 пратеници.
Дел од функционерите на власта кои претходно, деновиве ги искажаа своите несогласувања за измените кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, во неколку наврати истакнаа дека член 118 од нашиот Устав вели дека меѓународните договори кои се ратификувани во парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не можат да се сменат со закон.
Но, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој вчера пред пратениците уште еднаш го образложи предлогот за измени на законот за патни исправи, изјави дека со оваа одлука не се менува меѓународен договор туку законот за патни исправи. Потенцира дека до потребата за измени дошло поради неспособноста на институциите да овозможат услови за замена на личните документи, со недостиг од обрасци за патните исправи и друга техничка неподготвеност, како обврска преземена од власта.
Мицевски појасни дека законот за патни исправи требало да се смени истиот ден кога се сменил законот кој се однесуваше на возачките дозволи.
– Изменувањето на законот е неопходно затоа што е прекршено уставно загарантираното право на граѓанинот на слободно движење, односно слободата на движење е утврдена во членот 27, став 2, од Уставот на Република Македонија каде што вели дека секој граѓанин има право да ја напушти територијата на републиката и да се врати во републиката. Дополнително слободата на движење е загарантирана и со сите релевантни меѓународни документи и акти за човековите права, како што е членот 2, став 2, од протоколот 4 на Европската конвенција за човекови права. Членот 12 од Меѓународниот пакт за граѓански – политички права, членот 13 од Универзалната декларација за човекови права, сите од наведените само потврдуваат дека слободата на движење и правото на граѓаните слободно да ја напуштат земјата и да се вратат во својата земја е основно и неприкосновено право на човекот, рече Мицевски.
Тој, на крај порача дека со сигурност ќе следат тужби за надомест на штета против Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, а поради прекршување на уставното право на граѓаните и прекршување на човековите права според Европската конвенција за човекови права.
Непродолжувањето на рокот на важноста на старите пасоши, предизвика лавина реакции. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на својот фејсбук-профил напиша дека пратениците на СДСМ, ДУИ и НСДП гласале против законот за продолжување на важноста на пасошите и со тоа оставиле на цедило над 600 илјади граѓани, но затоа им се заблагодари на дел од пратениците од власта, кои сепак гласале „за“ и со тоа покажале дека се грижат за потребите на граѓаните.
„Бранејќи ги грешките на Оливер Спасовски, за жал, СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило 600.000 македонски државјани, на кои им е нарушено правото на слободно движење, а на голем дел со ова им се загрозени нивните работни дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија
П.С. им благодариме на колегите пратеници Бејџан Илјаз, Мирослав Јовановиќ, Павле Трајанов, Африм Гаши, Фадил Зендели, Изет Меџити, Сафие Шаини, Мерита Коџаџику и Муса Ибраими, кои гласаа ЗА и потребата на државјаните ја ставија пред ситнопартиските калкулации на власта“, се вели во објавата на Милошоски.
И пратеникот Драган Ковачки, реагираше дека пратениците на ДУИ и како што рече, нивните слуги од СДС, дополнително ја влошеле состојбата која свесно и намерно ја создадоа со пасошите.
„Нашиот предлог Закон за измени и дополнувања со кои баравме да се продолжи рокот на важење на пасошите издадени со име Република Македонија, а кои имаат важност, беше одбиен од тие што го создадоа проблемот. Одлепеноста од реалноста и несакањето да им се излезе во пресрет на сопствените граѓани кои ги изолираа од останатиот цивилизиран свет е невиден феномен посебно имајќи во предвид дека сме членка на НАТО и сакаме да почнеме преговори со Европската Унија“, додаде Ковачки.
Инаку, деновиве Австрија и Хрватска, најавија дека ќе ги прифаќаат старите македонски патни исправи, а од дирекцијата на Европската комисија за патни исправи е добиен допис дека ќе има разбирање и флексибилност за состојбата со македонските пасоши. Единствено Грција има испратено допис од ЕК дека не ги прифаќа нашите пасоши со старо име.
Инаку, на денешната собраниска седница на дневен ред, беа и Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во трето читање, и избор на член на Државната изборна комисија, како и Предлог на закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица и предлог на закон за изменување на Законот за пратениците, кои се однесуваат на функционерските плати. До затворањето на весникот седницата сè уште траеше.
М.С.