Нема предвидено нови пешачки патеки на улицата „Јордан Мијалков“ со ДУП-от за Старата железничка станица

669

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави дека ДУП-от за Старата железничка станица нуди нови сообраќајни решенија. Од „На точак“ велат дека градоначалникот, најверојатно, мислел на оние одобрени од Град Скопје во 2014 година, со проект за инфраструктура за линиска инфраструктурна градба за улицата „Јордан Мијалков“ со заверка бр. 13-2015/1 од 20.03.2014 година, што, според нив, се катастрофални решенија.

– Ние побаравме во овој ДУП да се сменат сообраќајните решенија на околните улици, на маалските улички и образложивме зошто се лоши во нашиот анкетен лист (пратен до Општината на јавната анкета за ДУП-от за Стара железничка), но Комисијата ни одговори дека тие се надлежност на Град Скопје. Замислете, од Град Скопје ја испланирале улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна „Железничка“) со три ленти за коли во една насока, со две ленти сервисна улица за хотелите од комплексот (за да паркираат бесплатно на јавна површина), со никакви тротоари и со велосипедска патека само во една насока и до половина улица со слеп завршеток? Оваа улица и сега е една од најнебезбедните улици за пешаци и велосипедисти, а е преширока за возење автомобили. Досега имаме правено неколку протести за овозможување безбедно движење на ранливите учесници во сообраќајот и граѓаните праќаа стотици барања до Градот и до Општина Центар – велат од „На точак“.

Тие бараат градоначалникот на Центар да поведе иницијатива да се преиспита овој проект од 2014 година за улицата „Јордан Мијалков“, затоа што нови пешачки патеки нема, како и да се изменат правилниците и во сите големи блокови да има попречни пешачки и велосипедски патеки и според тоа да се продаваат парцелите.

– Ние побаравме да се предвидат попречни врски низ комплексот со цел да се скрати пешачкото движење од Клиника/Водно до Центар наместо да се кружи околу блок долг 900 метри. Комисијата ни одговори дека Министерството за транспорт и врски му дало целосна слобода на купувачот на земјиштето и не му дало никакви обврски да обезбеди пасажи/премини според пешачките движења – нагласуваат од „На точак“. 

Исто така, посочуваат дека велосипедски паркинг во затворен јавен простор не постои.

– Ние баравме во анкетниот лист да се обезбеди велосипедски паркинг и во објектите/парцелите, а не само во јавните простори. Таа забелешка не ни се прифати. За среќа, Општина Центар во меѓувреме донесе одлука за задолжителен велосипедски паркинг во парцела, и со тоа овој пропуст од овој ДУП се коригира – велат од „На точак“.

(С.Бл.)