Францускиот спортски весник „Л’Екип“ под насловот „ПСЖ е подготвен да го продаде Неимар“, објави неколку делови од интервјуто со претседателот на старо-новиот шампион во Лига 1, Насер Ал Келаифи, кој како никогаш претходно реши јавно да ја критикува најголемата ѕвезда на „Паркот на принцовите“.
Иако не го спомна директно Неимар, „Л’Екип“ неговите изјави ги презентираше како тивка војна против бразилскиот интернационалец кој во изминатите неколку недели е мегапопуларен, но не поради некоја фудбалска причина. Неимар веќе со месеци испраќа сигнали дека сака да си замине од Париз иако беше купен пред само две години за рекордни 222 мил. евра.
Со ангажирањето на Леонардо како спортски директор, клупската политика на „светците“ се сврти за 180 степени и истата може да има силно влијание врз сите фудбалери, пишува францускиот весник.
- Играчите мора да бидат максимално свесни кога е во прашање одговорноста. Работите од сега ќе бидат сосема поинакви. Играчите ќе мораат повеќе да работат, повеќе да се трудат, а доколку тоа не им се допаѓа, вратата им е отворена. Чао! Мора да сфатат дека не се тука за да се забавуваат, тука се за да озбилно работат. Нема повеќе никакви ѕвезди, изјави Ал Келаифи.
Доколку си замине од редовите на ПСЖ, Неимар најверојатно својата кариера ќе ја продолжи или во дресот на Барселона или во тој на Реал (М). „Л’Екип“ пишува дека интерес за неговите услуги има и од англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, но официјалната понуда не смее да биде помала од 200 мил. евра.