Во земјава има недостиг од 7.500 до 8.000 медицински сестри, а заедно со фармацевтите, рендген-технолози, лаборанти околу 11.500 стручни медицински работници. За да се надмине овој проблем неопходно е итно донесувањето на Законот за сестринска дејност кој ќе ја регулира оваа професија во однос на образованието, работните задачи и одговорностите, вели претседателката на Унијата на медицински сестри, Гордана Бешлиовска. И националниот координатор за реформи во примарната здравствена заштита д-р Злате Мехмедовиќ, апелираше за што поскоро донесување на Законот. Законот треба го спречи големиот одлив на кадри, бидејќи се очекува до крајот на 2030 година да недостигаат околу 10.000 здравствени работници
Сè повеќе се осипува кадарот во здравството со заминување на работа во странство или во приватни здравствени установи, но и по природен пат со пензионирање. Во Македонија во моментот фалат околу педесет проценти на медицински сестри од онаа бројка што е потребна за да се овозможи потребната нега за пациентите. За да се надмине овој проблем, неопходно е итно донесувањето на Законот за сестринска дејност, кој ќе ја регулира оваа професија во однос на образованието, работните задачи и одговорностите. Според Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата на медицински сестри во земјава фалат 7.500 до 8.000 медицински сестри, а заедно со фармацевтите, рендген-технолози, лаборанти околу 11.500 стручни медицински работници.
-Според стандардите во болниците, сестрите треба на одделенијата на постелните мрежи да бидат една на три пациенти, во интензивна нега на секој еден пациент – една сестра, потенцира Бешлиовска, на вчерашната трибина, каде што се одржа панел-дискусија на тема „Отворено со сестринството за сестринската дејност“, како најава за работните состаноци со Министерството за здравство и Светската здравствена организација, за поднесување предлог-закон за сестринска дејност.
Таа потенцира дека треба да се решат многу клучни проблеми, но најболниот момент е што коефициентот на сестрите со средна стручна спрема доближува до минимален личен доход во државата. Таа укажува дека во европските земји во болниците со интензивна неги, сестра без специјализација не е квалификувана да работи, а кај нас во овој момент не ги препознаваме во болниците.
-Се повеќе има здравствени институции каде во една година по 30 до 40 медицински сестри заминаа по разноразни основи: во приватен сектор, пензија, странство, а заминаа и од професијата оти не сакаат повеќе да работат во вакви услови. Одливот е сѐ поголем, не се размислува стратешки да ги зачуваме по многу основи – реагира Бешлиовска.
Законот за сестринска дејност да биде донесен што поскоро, смета д-р Злате Мехмедовиќ, национален координатор за реформи во примарната здравствена заштита. Тој очекува законот да биде донесен пред изборите. Доктор Мехмедовиќ најави дека во план е да се донесе Национална стратегија за човечки ресурси во здравството.
-Сериозен проблем е што треба да го спречи големиот одлив на кадри. Се очекува околу 10.000 здравствени работници да недостигаат до крајот на 2030 година. Не би сакале Македонија да биде дел од земјите засегнати со хроничен недостиг на здравствен персонал, укажа д-р Мехмедовиќ.
(В.Ма.)