Нема договор за платите, има штрајк – Железниците во Германија денеска го почнуваат 50-часовниот прекин на работата

85
EPA-EFE/FILIP SINGER

Преговорите за платите со Германските железници (ДБ) пропаднаа, соопшти Синдикатот за железници и транспорт ЕВГ. Иако беше најавено одложување, штрајкот на германските железници почнува вечерва и треба да биде најдолгиот досега, пишува Дојче веле.

Германските железници не беа заинтересирани за компромис, рече преговарачот Кристијан Лорох. Според наводите на неговиот синдикат ЕВГ, двете страни претходно толку напредувале во разговорите што се чинеше дека основата за договор е постигната, но потоа, како што додаваат, Германските железници се повлекле.

Во исто време од ДБ велат дека се обиделе се да спречат штрајк.

„Германски железници целосно ги исполнија барањата на синдикатот ЕВГ, без трикови и без ограничувања. Што друго треба да правиме како работодавци“, праша Мартин Зајлер, член на одборот на директори на ДБ задолжен за човечки ресурси.

За да се постигне успех во преговорите, неопходно е да се најде решение за групите со пониски плати.

Според мислењето на синдикатот, досегашните ветувања за воведување минимална саатница од 12 евра не се доволни.

Кристијан Лорох вели дека зголемувањето на платите треба да се заснова на тарифи од околу 13 евра.

Германските железници, сепак, сакаат да го остават тоа за идните рунди преговори за тарифните договори. За претставниците на Синдикатот пак тоа не е прифатливо.

ЕВГ застапува околу 230.000 вработени во педесетина железнички и автобуски компании и инсистира на 12 отсто повисоки плати и најмалку 650 евра месечно.

Ова ќе биде трет предупредувачки штрајк на синдикатот поради несогласувањето околу тарифните договори и треба да биде најдолгиот досега – 50 часа, од 22 часот во недела на 14 мај до полноќ во вторник на 15 мај.