Србинот Новак Ѓоковиќ игра тенис за да ужива во играта, да ги освои најголемите титули и да биде најдобар тенисер на сите времиња. Истото може да се каже и за Рафаел Надал и Роже Федерер, но не и за Русинот Данил Медведев, кој има друга цел.

„Да речеме дека многу сакам пари. Ме прашувате колку пари ќе ми бидат доволни за да ја завршам кариерата? Таа сума веројатно не е реална, милијарда долари. Кога би заработил толку, би размислувал двапати дали да продолжам да играм“, вели Русинот и додаде:

„Ова е комплицирана тема. Колку и да не сакам тенис на моменти, исто така многу го сакам. Тешко е да се живее без мечевите. Затоа се трудам да играм и да заработам“, заврши Медведев.

Освојувачот на САД Опен (2021) сè уште е далеку од крајот на кариерата, а исто така е многу далеку од таа милијарда. Тој досега од тенисот има инкасирано 43.764.163 долари, а се проценува дека толку заработил и од реклами.