Нема да се оди во пензија на 67 години, а социјална помош ќе примаат само живите и оние што се во државата

727

Нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање, пресече премиерот Христијан Мицкоски. Во телевизиско гостување, тој најави дека се детектирани проблемите, дека дејствува Владата, дека новиот буџет има развојна компонента и дека индикаторите ќе бидат уште подобри.

– Суштината е дека, преку овој двостолбен задолжителен пензиски систем, оваа дупка во државниот пензиски столб ќе се проширува уште некое време, приближно до 2030 година и потоа, кога ќе почне подинамичната исплата од вториот пензиски столб, тогаш ќе биде поинаку. Ние, како Влада, имаме и втора опција, како што направија Полска, Унгарија, балтичките земји, да го национализираме и сè да биде државно. Еден закон се носи, се национализира вториот столб и дупката ќе ја нема – рече премиерот Мицкоски.

Но, сепак, вели дека има различни мислења во однос на тоа дали национализирањето на вториот пензиски столб е вистинска мерка. Има мислења дека треба, други велат не треба и во состојба во која сме така, можеме да кажеме дека ќе се продлабочува дупката, населението старее, придонесите се тие што се, пензиите се тие што се, додаде тој.

Премиерот истакна дека Владата ќе направи реформа на социјалните трансфери, но сè уште не се знае дали ќе направи реформа во делот на примателите, конкретно на социјална помош, кои добиваат по неколку закони, дали ќе има еден катализиран регистар, да се знае кои се тие што се живи приматели, затоа што има приматели што не се живи или се иселени одамна.

– Мора да се направи таа реформа. Има градови каде што бројот на приматели на разна социјална помош или придонесите што се плаќаат за неосигурени лица е поголем од бројот на жители. Имаме такви наследени парадокси – истакна Мицкоски.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека, сепак, треба да се знае дека оваа Влада не ги остава работите како што биле, туку ги знае проблемите и веќе ги решава.

– Нема да очајуваме, ќе работиме, детектиравме, јасно знаеме кои се проблемите, има повикани вработени во центрите за социјални работи, кои се повикани на одговорност. Така што мора да се катализира ова, нема да ја оставиме работата каква што била досега. Дејствуваме и мислам дека скоро, од денеска, ќе се почувствува, индикаторите се подобри и ќе бидат уште подобри – нагласи премиерот Мицкоски.