Државата нема да дозволи „Македонска пошта“ да колабира. Во моментов се подготвува план за намалување на бројот на вработени од сегашните 1.900 на 1.400.
– Пошта мора да преживее. Тоа ми е огромна битка иако многумина не сакаат. Пошта има околу 1900 вработени, планираме да ја рационализираме на 1400 вработени со еден план што го работиме, но мора да преживее затоа што има големи приватни интереси кои сакаат Пошта да колабира. Тоа се приватните пошти. Но нема да дозволиме – изјави министерот за транспорт, Александар Николоски.
Тој минатата недела најави дека очекува промени и во Агенцијата за пошти за да се провери како се давани лиценци на приватни пошти кои „работеле на уништување на националната пошта“.
– Откако го решивме проблемот со платите сега одиме со стабилизација, таму имало доста лоши решенија кои ги менуваме. Паралелно очекувам деновиве промени и во Агенцијата за пошти да провериме како се давани одредени лиценци на приватни пошти кои буквално работат од подрум со цел да ја уништуваат „Македонска пошта“. Убеден сум дека веќе следната година квалитетот ќе оди многу нагоре и првпат после многу години во „Македонска пошта“ ќе искажат добивка – истакна Николоски.
Во однос на централниот објект на ПОштата во Скопје, Николоски потсети на договорот со Делегацијата на ЕУ во Скопје и Министерството за култура.
– Овој објект ќе стане многу убав мулти медијален центар во следните две до три години – рече Николоски.