„Се чини дека без разлика колку упорно и ревносно се обидуваме, ние, слободните културни работници, уметници, куратори, културни продуценти, немаме доволно време, но уште поважно, време за работа. Капиталот го има колонизирано концептот за распределба на времето: нема време за креативност и нема време за одмор. Немаме време да работиме, а истовремено нема момент без работа. Под превезот на флексибилност, мобилност, слобода и автономија на избор, дејствување, правење значајни и политички напори, ние самите се правиме несигурни и нашите специфични и работни услови ја потхрануваат неолибералната машинерија, оставајќи нè постојано исцрпени, прегорени, прекарни и, на некој начин, лишени од време“, посочуваат организаторите на изложбата
Меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ на која ќе учествуваат десетина уметници од европската и од балканската уметничка сцена, ќе биде отворена на 3 септември, во „Мала станица“, во рамки на Националната галерија на Македонија.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ е изложбен проект што вклучува уметници од Чешка, Словачка и од земјите од поранешна Југославија, а се одржува во рамките на 19. АКТО – фестивал за современи уметности. Македонската јавност ќе има можност да види дела од: Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.
„Се чини дека без разлика колку упорно и ревносно се обидуваме, ние, слободните културни работници, уметници, куратори, културни продуценти, немаме доволно време, но уште поважно, време за работа. Капиталот го има колонизирано концептот за распределба на времето: нема време за креативност и нема време за одмор. Немаме време да работиме, а истовремено нема момент без работа. Под превезот на флексибилност, мобилност, слобода и автономија на избор, дејствување, правење значајни и политички напори, ние самите се правиме несигурни и нашите специфични и работни услови ја потхрануваат неолибералната машинерија, оставајќи нè постојано исцрпени, прегорени, прекарни и, на некој начин, лишени од време“, истакнуваат организаторите на изложбата.
Отворањето на изложбата ќе започне во 18:30 часот, со дискусија на колективот „Стонителерс“ од Прага, Чешка и на претставниците на македонската независна уметничка сцена. Тема на дискусијата се моделите на функционирање на здружението „Пул“ од Чешка, во рамките на независната уметничка сцена, обработувајќи ги и практичните аспекти и поттикнувањето на поблиските меѓучовечки односи. Во 20:00 часот е официјалното отворање на изложбата со тура со водич направени од Карина Котова (Здружение „Јиндрих Халупецки“ – кураторски колектив, Прага) и Ивана Васева (Факултет за работи што не се учат – ФРУ/ 19. АКТО – Фестивал за современи уметности, Скопје) и уметници што изложуваат во рамките на изложбата. Следува (20:45 часот) проекција на филмот „Неименувано (Нешто што сакаме да го именуваме, но постојано не успеваме во тоа)“, 2024 (13’) од Јижи Скала, како и перформативна интеракција со делото „Раце преку глава“ од Барбора Клајнхамплова.
Изложбата ќе биде отворена до 24 септември, а на затворањето ќе се одржи и промоција на брошурата „Прекарно за почетници“ и на публикацијата „Острови на сродство“ – Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции.
Оваа изложба е една фаза од долгорочната посветена борба за подобрување на работничките права во уметноста и во културата во нашата држава и е еден вид продолжување на серијалот на „АКТО 19“.
Досега, „АКТО 19“ одржа целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во Битола, во партнерска соработка со платформата „Силата ЕУ младите“; серијата мурали низ Македонија, односно на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на објектот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп и два мурала на зградите на бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје; како и меѓународната изложба и јавна програма „Куќата што се распаѓа“ во Музејот на Македонија, во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“.
„До крајот на годината, во рамки на фестивалот ‘АКТО 19’, предвидени се уште неколку настани”, додаваат организаторите.