Нема време за чекање – бизнисот и дише во врат на новата Влада

Бизнисот Ѝ дише во врат на новата Влада, која нема време за чекање. Новите министри уште не седнати во фотелјите треба веднаш да се фатат за работа. Пониски даноци, поголеми капитални инвестици, подобрување на патна и железничка инфраструктура, поголеми инвестиции во образование и здравство...се дел од барањата кои чекаат да бидат реализирани од новата Влада. Бизнисмените, исто така бараат конкретно учество во креирање на економските политики, односно во подготовка на законите кои ја таргетираат економијата. Со други зборови ниту еден закон нема да може да пројде без амин од бизнисот

274

Бизнисот и диши во врат на новата Влада, која нема време за чекање. Новите министри уште не седнати во фотелјите треба веднаш да се фатат за работа. Пониски даноци, поголеми капитални инвестици, подобрување на патна и железничка инфраструктура, поголеми инвестиции во образование и здравство…се дел од барањата кои чекаат да бидат реализирани од новата Влада. Бизнисмените, исто така бараат конкретно учество во креирање на економските политики, односно во подготовка на законите кои ја таргетираат економијата. Со други зборови ниту еден закон нема да може да пројде без амин од бизнисот.

– Се наоѓаме на еден сериозен крстопат и дојден е клучниот момент за пресврт во работите. Она што одамна го зборувам сега се реализира. Покажаа последните избори дека чисто партиски структури влегуваат во извршната власт и на тој начин ние се наоѓаме во партнерски однос кој е јасен и познат и нема мешање на брзините. Нашите барања се јасни и прецизни, тие се должни тоа да го направат и да ја оправдаат довербата на народот. Бараме промена на пет работи. Прво, во конципирање на законите за правната регулатива, во тоа да има претставник на бизнисот, не да гласа, туку да ги каже на време видувањата во законските акти. Второ е ЕНЕР-от како клучна алатка за изразување на нашите ставови и да се подели на два дела, на правни и физички лица. Трето Собранието со формирање на Клуб на претприемачи, да биде наша логистичка поддршка во законодавниот дом. Четврто, да имаме соработка со претседателот на државата и петто е Уставниот суд да биде ослободен од политичко влијание, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

И извршниот директорот на Комората, Антони Пешев, рече дека очекува тоа што го ветија во првите 100 дена да го остварат, како и да се променат и други работи кои му пречат на реалниот сектор.

-Да нема вештачки лимити во делот на работењето во недела, работењето од дома, флексибилното работно време и работи кои во делот на Законот за работни односи не се предвидени би требало да си дојдат на свое место. Држава како Македонија која има потреба за висок-економски раст не може да си дозволи луксуз да работи многу малку, работи неефикасно, работната сила да не е едуцирана. Значи за нас тајната е во враќањето во фокусот кон професионален и ефикасен вработен, кој ќе генерира додадена вредност, би било добро тоа да бидат високите технологии, поради тоа што тие очигледно генерираат голема додадена вредност – вели Пешев.

Универзитетскиот професор и економски аналитичар, Дарко Лазаров, од новата Влада очекува поголема поддршка за бизнис-секторот во делот на подобрување на продуктивноста, поголем износ на инвестиции во иновации преку поинтензивна соработка на науката со бизнис-секторот, поголем износ на инвестиции во образование и градење на квалификувана работна сила и поголема поддршка за извозна промоција.

Според аналитичарот Синиша Пекевски, бизнисот може да очекува поддршка, но треба да дава и резултати. Но, она што е најважно според него е да нема игнораторски однос на Владата кон бизнисот.

-Нормално е бизнис заедницата да очекува од новата влада да им излезе во пресрет и да ги поддржи во нивното работење. Но, поддршката мора да биде насочена во креирање на нови дополнителни вредности, не може само бизнис заедницата да очекува поддршка без да даваат резултати. Најбитно е Владата да биде во постојана комуникација со бизнис-заедницата и да ги уважува нивните барања, а не да биде како досега со игнорантски однос. Ако поддршката е само декларативна, следуваат лоши времиња. Наредните три месеца ќе се види делувањето на владата, дали е во координација и комуникација со бизнис-заедницата или не, изјави за весникот ВЕЧЕР, Пекевски.

Најавите од победничката партија се дека ќе има силна поддршка за домашните компании за да се поттикнат да влезат во нов инвестициски циклус и со тоа да отворат нови работни места и да го спречат иселувањето од земјата. Мандатарот, пак, Христијан Мицкоски најави дека еден од главните фокуси на новата Влада ќе биде токму економијата.

(А.С.)