Идната влада вети враќање во нормала на македонското земјоделство, кое во изминатите 10 години буквално беше уништено. Многу земјоделски површини останаа празни, од извозници на зеленчук и овошје станавме увозници, а земјоделците со години мака мачат со ниските откупни цени кои никако да им го вратат вложениот труд и пари. Од ВМРО-ДПМНЕ ветија зголемување на конкурентноста и подобрување на доходот на земјоделците во Македонија, воведување на нови технологии и иновации со кои ќе се намалува влијанието на неповолните климатски фактори, развој на руралните средини со цел задржување на младите во државата….
Земјоделците со поделени мислења за ветувањата на новата власт за подобрување на состојбите во земјоделството. Велат дека „кој се изгорел од млеко дува и на јогурт“, и оти не е можно за кратко време да се решат сите проблеми во земјоделството кои се наталожени со години. Дел од земјоделците, пак сметаат дека ќе има подобри времиња во земјоделството ако оваа власта остане достојна на ветувањата.
-Од претходната власта не видовме ништо од ветувањата. Се ветуваше на ветер, немаше никаква програма и никакви мерки. Свесни сме дека состојбата не може да се подобри преку ноќ, но од новата власт очекуваме да го крене на нозе земјоделството кое оваа власт го расипа во изминатите 10 години. Се надеваме дека конечно земјоделството ќе почнат да го водат вистински луѓе, а не како досега економисти, правници, па дури и слаткари. Досегашниот советник на министерот за земјоделство беше слаткар, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.
Македонија, како што вели од производител и извозник на месо, млеко, млечни производи и земјоделски производи ја направија зависна од увоз.
-Со вистински мерки, јас мислам дека уништеното сточарство ќе се врати на вистинскиот пат, ќе се зголеми бројот на грла добиток, производството на млеко, месо… Очекуваме дека за две години ќе се видат резултатите од мерките на оваа власт. Не очекувам мерките кои ги почна претходната власт да продолжат, бидејќи истите имаа само социјален ефект и не му помагаа многу на секторот, додава Јанков.
Ристо Велков, претседател на Регионален сојуз на земјоделци од Струмица не очекува некој поголеми позитивни промени во земјоделството. Според него, земјоделците се изгореа од претходната власт и сега тешко им е да поверуваат дека ќе дојдат подобри времиња во аграрот.
-Не очекуваме некои позначајни позитивни промени. Ќе биде многу тешко да се опстане во земјоделството со скапи репроматеријали и ниски откупни цени. Откупните цени на доматите, краставиците, пиперките, зелката паднаа, а на некои земјоделски производи производствената цена е повисока од откупната. Гарантираната откупна цена, која ја ветуваат веќе 30 години, никако да почне да се применува. Поради тоа земјоделските производи ќе бидат сè поскапи, бидејќи сè помалку се садат, а логично е тоа што малку го има да е скапо. Освен зголемените трошоци за репроматеријали, скапите ѓубрива…, значаен фактор е и немањето работници. Во земјоделството останаа само стари луѓе, младите си заминаа надвор од државата, вели Велков за весникот ВЕЧЕР.
Тој се надева дека оние кои ќе го водат земјоделството во наредните години ќе излезат на терен да ги видат реалните проблеми на земјоделците.
-Во земјоделството владее една стихијна состојба. Земјоделците се во многу тешка состојба не знаат дали да садат, што да садат, дали тоа што ќе го посадат ќе се продаде и по кои цени… Се очекува од новата власт да излезе на терен и да им помогне на земјоделците да ги решат овие проблеми, смета Велков.
И експертите се согласуваат дека македонското земјоделство е уништено, во Македонија, која важи за земјоделска земја, краставиците, доматите и пиперките станаа луксуз. Од извозници на земјоделски производи станавме увозници и наместо домашни, јадеме земјоделски производи од Албанија, Грција, Турција…
– Килограм пипер колку килограм месо, тоа не било никогаш. Причина се неисплатливоста на земјоделството и високите маржи на трговците кои се повисоки од 50 отсто. Трговците земаат големи маржи, а земјоделците не можат да ги покријат трошоците. Ако се соберат профитите на увозниците, прекупците, трговците, на крајот производите излегуваат многу скапи. Граѓаните ги плаќаат сите тие профити преку повисоките цени на земјоделските производи – вели за весникот ВЕЧЕР, универзитетскиот професор Илија Каров.
Тој смета дека цените на земјоделските производи воопшто не се реални, но таа е резултат на лошата земјоделска политика во изминативе години. Од тоа најмногу трпат граѓаните, кои мора да плаќаат скапо, а некои и воопшто не може да си ги дозволат.
Професорот Драги Димитриевски смета дека еден од клучните проблеми со кои се соочуваат земјоделците е пласманот на производите.
Според него, еден од инструмент со кој ќе се подобри пласманот е наплатата што ја прават земјоделците е кредитниот револвинг фонд, наменет за кредити за обртни средства за мали и средни претпријатија и земјоделски задруги, кои ќе вршат откуп на земјоделски производи за понатамошна преработка или трговија. Овој инструмент ќе овозможи полесен пристап на откупувачите до капитал со што ќе се гарантира исплатата на земјоделските производители за предадената реколта во краток рок, не подолг од 30 дена, а не како досега со месеци дури и години.
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски вети зголемување на конкурентноста и подобрување на доходот на земјоделците во Македонија, воведување на нови технологии и иновации со кои ќе се намалува влијанието на неповолните климатски фактори, развој на руралните средини со цел задржување на младите во државата.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека ќе се преземат мерки со цел земјоделското земјиште да заврши во рацете на вистинските и на активните земјоделци и ќе се формира Агенција за управување со земјоделско земјиште со цел функционално и транспарентно управување со земјоделското земјиште.
(А.С.)