Нема веќе да се продава кисела туршија во пластични шишиња на тезги, само од дома

Со правилникот за продажба на производи од растително потекло ќе се знае што и во каква амбалажа ќе може да се продава на тезгите на зелените пазари. Освен тоа, ќе се овозможи домашната зимница како: ајвари, пинџури, мармалади, џемови, слатка... ќе може легално да ги продаваат од дома

252

Целта на новиот правилник за продажба на производи од растително потекло е да се стави ред на домашните преработки кои се продаваат по тезгите на зелените пазари. Со стапување во сила на овој правилник нема да може да се продаваат кисели производи во пластични шишиња. Целта на правилникот е да се заштити здравјето на потрошувачите, а производителите да можат да ги продаваат своите производи од куќен праг.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека Правилникот за продажба на производи од неживотинско потекло е во завршна фаза и се очекува истиот да биде донесен во април.

Со донесување на новиот правилник за продажба на производи од растително потекло ќе може домашните преработки од примарно производство, кои се произведуваат во помали количини, да се продаваат од дома. Сè уште не е утврдена количината, односно бројот на тегли, шишиња или килограми кои ќе можат да се продаваат од куќен праг, вели Фросина Георгиевска, национален координатор на жени во Националната федерација на фармери.

Таа објаснува дека на овој начин жените кои дома произведуваат ајвари, пинџури, мармалади, слатка… ќе може легално да ги продаваат од дома. Производителите на вакви производи ќе може да се рекламираат, а продажбата ќе зависи од квалитетот, вкусот и од способноста за продажба.

-Правилникот ќе стави ред и на продавачите кои продаваат домашна зимница на тезги. Сега тие ќе треба да исполнуваат одредени услови за да можат да продаваат на пазар. Исто така, нема да може да се продаваат кисели производи, како туршија, феферони, краставички во пластична амбалажа. Целта на правилникот е да се заштити здравјето на потрошувачите, а производителите да можат да ги продаваат своите производи од куќен праг, додава Георгиевска.

И претседателката на НФФ, Васка Мојсовска, вели дека со воведување на правилниците за продажба на мало за производи од растително и животинско потекло преработките од земјоделски производи ќе се овозможи економско јакнење на малиот земјоделец.

Со ваквите измени ќе се овозможи малите земјоделски производители кои произведуваат во домашни услови, да може да ги продаваат своите производи од дома и да ги избегнат трошоците за транспорт, изнајмување на тезги…

(А.С.)

фото Н.Батев