Немам време за љубов, имам време само за една работа

138

Калин Ивановски ја одбележа годинава што измина со настапот на јуниорскиот „Вимблдон“, каде што стигна до осминафиналето, а освои и три други титули. Следната сезона ќе настапува само во сениорска конкуренција, а откри и дека поради напорните тренинзи моментно нема време за љубов, но и дека популарноста му годи (се смее)

Годинава што измина многумина љубители на спортот, особено на тенисот слушнаа за успесите на најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски. Тој имаше извонреден настап на јуниорскиот Вимблдон, каде што стигна до осминафиналето, а освои и три титули. Тој во новата сезона ќе се натпреварува само во сениорска конкуренција, сонува еден ден да го подигне пехарот на Вимблдон, вели дека моментно нема време за љубов, бидејќи скоро цело време му е исполнето со напорни тренинзи како подготовка за новата сезона, а доколку може да одбира да одигра партија тенис со еден од тројцата великани на овој спорт Ѓоковиќ, Федерер и Надал, без двоумење би го одбрал Србинот.

Кој беше виновникот да почнеш да тренираш тенис и на која возраст за првпат се запозна со рекетот и дали пред да се одлучиш за тенисот беше заинтересиран за друг спорт?

-Виновникот за мојата љубов кон тенисот беше мојата сестра која тренираше тенис во периодот кога јас тренирав фудбал. Имав 4 години кога случајно отидов на нејзиниот тренинг. Желба ми беше само да пробам тенис, но по првиот тренинг започна мојата авантура со тенисот. После тој тренинг го напуштив фудбалот и се препуштив целосно на тенисот.

На колку турнири имаш настапено досега и колку титули имаш освоено?

-Од моите почетоци до сега имам настапено на многу турнири, но во последната 2022 конкретно настапив на 24 сениорски турнири. Освоив 3 титули, првата во месец август на турнирот во Монастир-Тунис, втората титула ја освоив во октомври на турнирот во Хераклион-Грција и последната е од декември на турнирот во Мадрид-Шпанија.

Годинава имаше извонредни резултати на турнирите, но дали наскоро ќе го видиме Калин само во сениорска конкуренција?

-Оваа година беше година на почетоци во професионалниот тенис и навистина беше успешна за мене. Од следната сезона ќе се натпреварувам само во сениорска конкуренција.

Дали веќе имаш направено план на кои турнири ќе настапиш во новата сезона?

На почетокот на оваа година имам 2 турнири во Англија. Едниот е на 16 јануари, вториот на 23 јануари. Потоа продолжувам со турнир на 30 јануари во Монастир, Тунис. Согласно со програмата по овие три настапи продолжувам на наредните турнири кои следат.

Многумина од тенисерите имаат ритуали пред да излезат на теренот кој е вашиот пред секој меч?

-Навика или ритуал пред секој меч ми е добро да се најадам (се смее) затоа што знам колку енергија ќе вложам во тие 3, а некогаш и повеќе саати игра. И секако дека 20 мин. пред секој меч активно се загревам и тренирам за да бидам во форма и со добра енергија да излезам на теренот.

Може ли да ни откриеш некоја анегдота или, пак, непријатна случка од теренот?

Непријатна случка ми се случи ова лето кога патував за Англија, за настап на Јуниорскиот Вимблдон. При летот за Лондон багажот се изгуби, и кога слетав на аеродром го немаше. Останав буквално без цела облека за настап како и без долна облека (се смее). Единствената шанса од најблиската продавница беше црна долна облека кој итно ќе ми заврши работа за настапот. Но, она што ме изненади беше реакцијата на главниот судија при мојот прв меч и опомената дека на наредниот меч ќе ме дисквалификува доколку повторно се појавам со црна долна облека. Стандардите и правилата на грен-слемовите се илјадници и буквално мора да се запазат сите ситници. Од секое искуство многу се учи, дефинитивно.

Грен-слем турнирите се нешто посебно и секој тенисер сонува да го подигне пехарот на барем еден од четирите најголеми турнири. За која грен-слем титула сонува Калин?

Посакувам да го подигнам пехарот на Вимблдон. Тоа ми е сон и се надевам дека еден ден ќе се оствари.

Спортистите секогаш се популарни кај девојките, дали Калин има време за љубов?

-Популарноста секако ми годи (се смее), но во моментов немам време за љубов. Времето ми е исполнето со напорни тренинзи и планови за наредната сезона.

Кога би морал да одбираш да играш со еден од тројцата великани во овој спорт: Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, кого би го одбрал?

-Без двоумење тоа е Новак Ѓоковиќ.

(М.С. – С.Т)