Општина Центар нема правен механизам ниту законска можност да го спречи градењето на катната гаража лоцирана до Собранието, со оглед дека изведувачот поседува правосилно одобрение за градење. Очекуваат решение за проблемот, кое нема да биде на штета на институциите, општината и на граѓаните. Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела истакна дека неделава, во Собранието, ќе има средба за да се надмине проблемот, за кој посочи дека треба да се реши, а не да се запоставува

 

Од Општина Центар велат дека немаат правен механизам, ниту законска можност да го спречат градењето на катната гаража лоцирана до Собранието, со оглед дека изведувачот „Анго“ поседува правосилно одобрение за градење. Очекуваат решение за проблемот, кое нема да биде на штета на институциите, општината и на граѓаните. Од Општината потсетуваат дека има издадено одобрение за градење катна гаража лоцирана до Собранието врз основа на склучен договор помеѓу „Анго“ и ресорното Министерство за транспорт и оти во текот на 2020 година Општината го поништила одобрението за градење.

 – Но, по завршениот судски процес и донесената одлука од Судот во 2021 година, пресудено е во корист на изведувачот и овозможено му е да продолжи со изградбата на катната гаража, согласно со Деталниот урбанистички план за конкретната локација. Поради наведениве причини, Општина Центар во овој момент нема правен механизам, ниту законска можност да го спречи градењето на катната гаража лоцирана до Собранието, со оглед дека изведувачот „Анго“ поседува правосилно одобрение за градење – посочија од Општина Центар.

Сметаат дека најавеното изнаоѓање решение од Владата и од надлежните министерства оди во правец што нема да биде на штета на граѓаните на Општина Центар, на институцијата и на општинскиот буџет. По објавата дека Министерството за внатрешни работи утврдило безбедносен ризик со изградбата на катната гаража, премиерот Христијан Мицкоски минатата недела истакна дека неделава, во Собранието, ќе има средба за да се надмине проблемот, за кој посочи дека треба да се реши, а не да се запоставува. Мицкоски рече дека веќе е остварена комуникација од Кабинетот на претседателот на Собранието со компанијата што треба да ја гради катната гаража.

– Во македонското Собрание, во текот на оваа недела, ќе има средба, каде што треба да биде надминат проблемот. Треба да знаеме дека компанијата ги има почитувано сите услови согласно со закон и ние не можеме да ја оштетиме компанијата, затоа што некој некогаш не бил разумен и направил нешто што може да ја загрози безбедноста на македонското Собрание. Ние треба да го решаваме проблемот и нема да седиме настрана. Тоа што некој се однесувал незрело, ние сега траба да решаваме, со цел да нема оштетени и притоа да се зачува безбедноста на македонското Собрание, а компанијата, согласно со закон, да се обесштети. Вистинската адреса за овој проблем е Собранието и оттаму очекуваме конкретни информации – смета Мицкоски.

фото: Ѕвонко Плавевски