Немаме каде да ги легнеме најавените 35 илјади странски туристи

-Треба да имаме 10 илјади кревети или 5.000 соби за да бидеме вистинска туристичка дестинација. Во моментот на Охридско-струшката ривиера имаме 2.800 соби и ни фалат уште 1.500 соби. Потребни ни се помодерни капацитети за да можеме да одговориме на зголемениот број странски туристи. За да се постигне ова најпрвин треба да се направи детален урбанистички план по целиот брег на Охридско Езеро за да се види што и каде може да се гради. Во тој случај и странските инвеститори ќе знаат каде да инвестираат, изјави за весникот ВЕЧЕР, Крсте Блажевски, претседател на Хотелска асоцијација на Македонија

793

Најавените 35 илјади туристи годишно, кои со чартер летови ќе доаѓаат во нашата земја ќе значат продолжување на туристичката сезона, поголем бенефит за хотелско угостителскиот сектор и девизен прилив во буџетот на државата. Според најавите, од февруари следната година по еден авион со туристи од Германија, Франција и од Велика Британија секој ден треба да пристигнуваат надвор од сезоната. Туристичките експерти велат дека добро е што ќе се зголемува бројот на туристи, но проблемот е што државата нема доволно сместувачки капацитети и соодветен кадар кој ќе може да одговори на потребите на гостите.

-Треба да имаме 10 илјади кревети или 5.000 соби за да бидеме вистинска туристичка дестинација. Во моментот на Охридско-струшката ривиера имаме 2.800 соби, па ни недостигаат уште 1.500 соби. Потребни ни се помодерни капацитети за да можеме да одговориме на зголемениот број странски туристи. За да се постигне ова, најпрвин треба да се направи детален урбанистички план по целиот брег на Охридското Езеро за да се види што и каде може да се гради. Во тој случај и странските инвеститори ќе знаат каде да инвестираат, изјави за весникот ВЕЧЕР, Крсте Блажевски, претседател на Хотелска асоцијација на Македонија.

Освен градење на нови капацитети, како што вели потребно е и ревитализирање на постојните, како и соодветен кадар кој ќе зборува повеќе јазици.

-За да можеме да примиме дополнителен број на туристи покрај најавените аранжмани за 2025 година потребни се нови инвестиции во хотелско-сместувачки капацитети. Сместувачки капацитети генерално се потребни во цела држава, а посебно во туристичките центри. На овие 35.000 туристи во текот на цела сезона треба да им пружиме услуга како во пикот на сезоната, но ние немаме доволно капацитети и соодветен кадар кој ќе може да одговори на потребите на гостите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Јаневски, поранешен директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и туристички експерт.

На Македонија итно ѝ се потребни нови инвестиции во сместувачки капацитети со оглед на фактот дека имаме сè поголем број на странски туристи, а сè помал број на капацитети. Потребни се инвестиции во нови хотели, во светски брендови, како и почнување на категоризација на автокамповите во државата, подобрување на условите и воведување на нови регионални практики во туризмот.

-Треба да работиме на подобрување на услугата и воведување на европски и светски практики на полето на угостителството и туризмот. Исто така, нашите менаџери треба да создаваат нови туристички производи кој ќе ја зголемат конкурентноста на дестинацијата и во годините потоа. На тој начин ќе можеме да ги оствариме стратешките цели – зголемување на бројот на туристи, ноќевања и на девизниот прилив кој до 2027 година треба да надмине една милијарда долари, додава Јаневски.

Според премиерот Христијан Мицкоски, бројот на ноќевања што ќе ги остварат овие 35.000 туристи ќе претставува 10 до 15 проценти од вкупниот број ноќевања што во моментов ги реализираат странските туристи во земјава.

Туризмот во Македонија бележи голем пораст во август 2024 година достигна 232.576, што претставува зголемување од 7,2 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Од овој број, 51,4% се странски туристи, а 48,6% домашни.

Најголем број на туристи примиле Скопје и езерските места. Речиси 200 илјади туристи ги посетиле Скопје, Охрид, Струга, Дојран и Преспа. Од кои домашни туристи се околу 102 илјади, а странски над 96 илјади. Според бројот на ноќевање, во овие пет града домашните туристи оствариле 646 илјади ноќевања, додека пак странските оствариле 196 илјади ноќевања. Овој тренд укажува на зголемена заинтересираност на туристите за подолг престој во земјата, што позитивно влијае на туристичката индустрија.

Најмногу странски туристи во Македонија традиционално доаѓаат од Турција, која со 50.227 туристи е на прво место. Веднаш зад неа е Србија, со 9.898 туристи, што ја прави вториот најголем извор на странски посетители.

Интересен податок е дека во август бројот на туристите од Романија достигнал 5.996, што ја поставува на третото место меѓу земјите од кои доаѓаат најмногу посетители. Овој пораст е особено забележителен бидејќи Романија покажува стабилен раст во текот на целата година.

Други земји кои придонеле за пораст на туризмот се Грција (2.851), Бугарија (1.960), Албанија (1.311), Косово (1.305) и Италија (2.031). Значителен број туристи во август пристигнале и од подалечни земји како САД со 2.572 туристи, како и од европските држави Шпанија (1.773) и Хрватска (2.342).

(А.С.)