Осум кандидатури пристигнаа во најголемата опозициска партија на јавниот оглас што го објави ВМРО-ДПМНЕ за пријавување на кандидати за претседателските избори. Сите имиња не се познати, но извори од партијата за медиумите откриваат дека меѓу пријавените е и Гордана Силјановска, како и Влатко Ѓорчев и Филип Петровски, кој јавно обелоденија дека поднеле кандидатура.
Кој се конкурирал на партискиот оглас за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се знае следната недела.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, вели дека покрај овие апликации деновиве можно е да пристигнат и други испратени преку пошта. Во следните денови Комисијата ќе ги разгледува апликациите дали ги исполнуваат условите, по што во вторник ќе излезат со детални информации за пристигнатите апликации.
Партискиот кандидат ќе се изгласа со доверба од мнозинството делегати на конвенцијата во Струга најавена за 16 февруари. Секој од кандидатите ќе добие можност за промоција пред членството во пресрет на Конвенцијата.
Лидерот Христијан Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги бојкотираат претседателските доколку не се прифати нивниот предлог за предвремени парламентарни избори.
Во исто време, интегративците на Ахмети најавија дека ќе излезат со самостоен кандидат на претседателските избори и покрај првичната најава за договор со СДСМ за консензуален кандидат. Албанскиот блок во наредните денови ќе одлучи да излезе со заеднички кандидат на изборите за шеф на државата.
Извршниот одбор на СДСМ в недела ќе донесе одлука дали заедно со претседателските да се одржат и парламентарни избори. Процедурата за избор на кандидат за претседателските избори ќе заврши со конгресот на партијата на 3 март.
Непосредно пред распишувањето на претседателските избори, се интензивираат шпекулациите дека пролетва ќе се одржат двојни избори и оти заедно со изборите за шеф на државата ќе се одржат и предвремени парламентарни избори.
Расположението на Бихаќка се уште е поделено, а партиското раководство уште премерува дали да се оди на избори, или како што сметаат дел од членовите на ЦО и ИО да посветат на реформите како што инсистираат и претставниците на меѓународната заедница.
Досега не е закажана ниту собраниска седница за предлог одлуката за распуштање на Собранието поднесена неделава од пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ. Како што објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа ги нема потписите на Илија Димовски, Даниела Рангелова, Никола Попоски, Иван Иванов и Крсто Јовановски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека претседателските избори ќе ги распише најдоцна до 8 февруари, а тие ќе се одржат на 21 април и 5 мај.