Поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс, Ламар Одом, по три години “пекол#, кој го мина поради проблеми со дрога и алкохол, се враќа на теренот.
Судејки по се, двократниот освојувач на НБА прстенот, човекот кој е прогласен за најдобар шести играч во најсилната лига и поранешен сопруг на старлетата Клое Кардашијан, одлучи да остави се зад себе и сите лоши работи да ги замени со продолжување на кошаркарската кариера.
Последните неколку години Ламар завршуваше во болница поради откажување на бубрегот и мозочен удар предизвикан од користење на кокаин и вијагра во бордел во Невада. Воедно беше и во кома, животот му го одржуваа на апарати, но без оглед на сите отрови кои ги внесуваше, спортот победи и воедно го одржа во живот.
Интересно, Одом никогаш не се опрости од кошарката, иако последен пат на НБА паркетот беше во 2013 година. Имаше неколку обиди да се врати на терен, пред се во дресот на Басконија, но безуспешно. Сепак, на 39 години, тој се враќа и тоа на Филипините.
- Ме исполнува тоа што можам да се вратам и повторно да се натпреварувам. Тоа е многу важно. Ми значи што повторно ќе ја продолжам кариерата. Бев на ивица на смртта, така што можноста да играм е победа за мене, изјави Одом по следувањето во Манила.
Поранешниот кошаркар на Лејкерс во текот на кариерата одигра вкупно 961 натпревар и во просек бележеше по 13,6 скокови, 8,4 скокови и 3,7 асистенции. Има настапи и за селекцијата на САД, со која освои олимписка бронза во 2004 година, како и златен медал на Светското првенство во Турција во 2010 година.