Некои структури ни испраќаат порака: „Вие сте никој и ништо!“

90

– Тоа не е дело на деца хулигани, туку на некои структури што мислат дека на таквиот начин ќе нè обезвреднат нас, Македонците, и со тоа даваат до знаење и испраќаат порака дека „вие сте никој и ништо“.  Се работи за подлабоко смислена постапка на оние што се против Македонија. Не постои друг начин да направат нешто со кое би нè повредиле. Тоа е симболички гест да уништите нешто што е свето за овој народ, симбол на една борба, на историјата … – дециден е социологот во пензија Илија Ацески. Случувањата наидоа на осуда и од Сојузот на борците. Претседателот Никола Стојановски вели дека тоа е дело на некој што ѝ е непријател на државата

Сквернавењето и одземањето споменици на истакнати борци од НОБ и на писатели што се случија деновиве, имаат политичка заднина, смета социологот во пензија Илија Ацески. Според него, тоа е подлабоко смислена постапка на противниците на Македонија.

По исчезнувањето на бистите на Никола Јонков Вапцаров и на Коле Неделковски од Градскиот парк, како и на Невена Георгиева-Дуња од дворот на училиштето што го носи нејзиното име во Кисела Вода, во вторникот, со спреј беше исчкртан и постаментот на споменикот на Гоце Делчев, како и плочникот пред него.

– Тоа не е дело на деца хулигани, туку на некои структури што мислат дека на таквиот начин ќе нè обезвреднат нас, Македонците, и со тоа даваат до знаење и испраќаат порака дека „вие сте никој и ништо“. Се работи за подлабоко смислена постапка на оние што се против Македонија. Не постои друг начин да направат нешто со кое би нè повредиле. Тоа е симболички гест да уништите нешто што е свето за овој народ, симбол на една борба, на историјата – дециден е Ацески.

Тој смета дека чинот на сквернавење и на оштетување на „нешто што е симбол на македонскиот народ, идентитет, за што и, впрочем, сме се бореле, по што се препознаваме, значи дека во Македонија постои сила или некои структури што мислат дека на таков начин ќе нè обезвреднат нас, Македонците, и даваат на знаење дека таа борба сè уште не е завршена“. Ацески очекува чинот да биде осуден, а сторителите да се предупредат оти ќе бидат санкционирани.

Според него, не станува збор за голема материјална штета, туку за симболична, но истовремено подлабока и повредна штета, бидејќи ги омаловажува Македонците.

Случувањата наидоа на осуда и од Сојузот на борците. Претседателот Никола Стојановски вели дека тоа е дело на некој што ѝ е непријател на државата.

– Тоа го прави некој што ѝ е непријател на државата. Законите треба да кажат каде му е местото. Тоа се споменици на оние луѓе што се бореле за нашата државата. Сега треба да ја зачуваме и да се бориме да има демократски систем – дециден е Стојановски.

Од Град Скопје велат дека сите случаи на сквернавење веднаш се пријавуваат во Министерството за внатрешни работи со барање за соодветна разрешница и казнивост.

– Спомениците и спомен-обележјата се редовна цел на вандали, а градските јавни претпријатија спроведуваат акции за чистење и санација. Конкретно за споменикот на Гоце Делчев, екипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ веднаш излегоа на терен и ја санираа штетата на споменикот и на околниот простор – одговорија од Кабинетот на градоначалничката на Град Скопје.

Оттаму апелираат да запре вандализмот и граѓаните со почит да се однесуваат кон спомениците на народните херои, а МВР да ги интезивира контролите на местата каде што се детектирани повторувања на вандалските чинови и согласно со надлежностите, да можат да ги превенираат и да ги санкционираат овие прекршоци.

Од МВР кусо одговорија дека за настаните бил известен јавен обвинител, а СВР Скопје презема мерки за целосно расчитување на случаите.

 (А.П.)