Престојниот летен преоден рок според сите најави треба да биде најлудиот преоден рок во фудбалската историја.

Неколку европски гигант се принудени да направат целосен ремонт, а мегаѕвездите како што се Пол Погба и Антоан Гризман ќе побараат нова средина. Годинава на пазарот за фудбалери ќе има и многу помлади играчи, кои би требало да имаат блескави кариери. Дел од нив веќе се докажаа на зелениот терен, а останатите играат за помалку познатите клубови, но се бурно следени од европските гиганти.

Хавиер Мбуиамба, МВВ Мастрихт, дефанзивец, 17-години

Веќе е дефиниран како наследник на Вирџил ван Дајк, а моментално е на проба во лондонскиот премиерлигаш Челзи. Важи за голема надеж на холандскиот фудбал, а бидејќи има аматерски договор со МВВ, може да си замине без никакво обештетување.

-Нема шанси да го задржиме во нашите редови, затоа што нема договор со нас. Нема да биде убаво од наша страна, ако му го блокираме евентуалниот трансфер, изјави тренерот на холандскиот второлигаш, Рон Елсен.

Корпулентниот 190 см висок дефанзивец дебитираше за МВВ пред неколку месеци и веќе има 11 настапи за првиот тим. Не се знае колку вреди, но може да замине како слободен играч. Челзи е најблиску до неговиот потпис но под услов да му биде укината казната од ФИФА. Освен „сините“, интерес за неговите услуги покажаа и челниците на Ливерпул, Баерн (М), Порто и Селтик.

Алексис Клод-Морис, Лориен, играч за врска, 20-години

Фантастичниот играч за врска во последното коло од Лига 2 ќе се бори за место во плејофот за првата лига. И да не успее, Морис нема во новата сезона да игра во Лига 2. На 31. натпревар одиграв во актуелната сезона, играчот на Лориен постигна 14 погодоци и запиша три асистенции. Неговите одлични партии со голем интерес ги следат тимовите на Арсенал, Ајнтрахт од Франкфурт и Борусија од Менхенгладбах. Лориен посакува 10 мил. евра од неговата продажба, а таква понуда веќе испрати новиот премиерлигаш Норвич.

Хусем Аоуар, Лион, играч за врска, 20 години

Кога Пеп Гвардиола ќе изјави дека е фантастичен и има совршена техника, тогаш тоа значи дека тој фудбалер нешто вреди. Аоуар може да игра на левата страна, но најдобро функционира во срцето на линијата за врска. Годинава одигра 45 натпревари, на кои постигна седум погодоци и запиша десет асистенции. Одигра одлично на двата натпревара против Барселона во Лигата на шампиони, а за младата репрезентација на Франција има одиграно девет натпревари, на кои постигна два погодока. На последниот првенствен натпревар беа присутни и скаутите на Ливерпул и Манчестер Сити, но нивната понуда не смее да биде помала од 50 мил. евра.

Матијас де Лигт, Ајакс, дефанзивец, 19-години

Фантастичниот капитен на Ајакс игра како да има 29, а не 19 години. Сигурен, чврст и интелегентен во сите дуели. Желба е на најголемите европски клубови, но голема е веројатноста дека ќе ги следи стапките на неговиот верен другар, Френки де Јонг, кој веќе потпиша за каталонскиот гигант Барселона. Единствен проблем при реализацијата на трансферот може да биде суспензијата на неговиот агент Мино Раиола кој не смее да работи во следните три месеци. Тоа значи дека Де Лигт ќе остане во Амстердам до 9. август.

Жоао Феликс, Бенфика, напаѓач, 19-години

Во неговиот договор има ослободителна клаузула која се активира со понуда не помала од 120 мил. евра, а таква понуда најавуваат раководните лица на Манчестер Јунајтед, Јувентус, Манчестер Сити и Реал (М). Кога е во прашање актуелната сезона, Фелика има играно на 40 натпревари на кои постигна 19 погодоци и запиша 11 асистенции. Во 2015 година беше дел од големиот ривал, тимот на Порто, но беше избркан како неперспективен играч.

Исмаил Сар, Рен, напаѓач, 21-години

Репрезентативецот на Сенегал прикажа одлични партии за време на СП во Русија, а сезонава има постигнато 12 погодоци и запишано 11 асистенции. Важи за еден од најзаслужните за освоениот Куп на Франција, трофеј кој е освоен во дуелот против големиот фаворит, екипата на ПСЖ. Сар може да игра како лево и десно крило, но може и како класичен напаѓач. Рен нема да го продаде за помалку од 45 мил. евра, а интерес за неговите услуги покажаа челниците на Лестер, Рома, Манчестер Сити и Арсенал.

Џедсон Фернандез, Бенфика, играч за врска, 20-години

Уште еден бисер од младинскиот тим кој ги одигра сите натпревари на европската сцена. Во домашниот шампионат на 11 натпревари беше во почетниот состав, а на останатите влегуваше во игра од клупата за резервни фудбалери. Почетната цена изнесува 40 мил. евра, а интерес за неговите услуги покажаа челниците на Ливерпул, Тотенхем и Манчестер Јунајтед.

Дани Олмо, Динамо (З), играч за врска, 21-години

Младиот шпански интернационалец сигурно ќе биде најскапиот играч во историјата на хрватската Прва лига. Во игра е сумата од 35 мил. евра, а со постигнатите 12 погодоци и девет асистенции, Олмо ја оправда титулата за еден од најатрактивните млади фудбалери во Европа. Најблиску до неговиот потпис е италијанскиот калчо гигант Милан, затоа што на „Сан Сиро“ веќе престојуваат неколку фудбалери од Шпанија.

Самуел Чукуезе, Вилјареал, крило, 19-години

Младиот Нигериец нема некоја добра статистика кога е во прашање актуелната сезона, но скаутите се убедени дека ќе функционира далеку подобро доколку игра за некој поквалитетн клуб. „Жолтата подморница“ се спаси од испаѓање, а шпанските медиуми веќе го поврзаа со Барселона. Главен проблем е ослободителната клаузула од 60 мил. евра, но Вилјареал ќе го пушти и за помала парична сума.

Никола Миленковиќ, Фиорентина, дефанзивец, 21-години

Оле Гунар Солскер го доживува како идеално засилување за очајната одбрана на Манчестер Јунајтед, а Атлетико (М) го гледа како идеална замена за Диего Години. Српскиот интернационалец може да игра и како десен бек, а вреди околу 40 мил. евра. Во Фиорентина дојде од редивите на Партизан и тоа за 5 мил. евра. Иако е дефанзивец, годинава постигна три погодоци.