Независни експерти ќе направат анализа колку точно ќе добијат зголемување по извозен километар

167

Приватните превозници се враќаат на улиците и се откажаа од блокадите на главниот град в понеделник. На координативна средба во Град Скопје постигнат е договор во рок од 15 дена, независни експерти да направат анализа колку точно приватните превозници ќе добијат зголемување по извозен километар. Новите цени би се применувале од 1 јануари 2025 година.

-Анализата со предлог решение и одлуки да се презентира од страна на стручните служби на 16 декември пред истиот состав на координативен состанок, по кој членовите на Советот на Град Скопје ќе имаат можност да се изјаснат со носење на одлука со која ќе се изврши корекција на надоместокот за приватните превозници од страна на Советниците во Советот во Град Скопје – се наведува  во соопштението од Град Скопје.

Ваквиот предлог дојде од градските советниците на СДСМ, откако заклучот за покачување на цената за 30 денари по километар, од градот Скопје беше отфрлен од скопската градоначалничка, Данела Арсовска како невалиден.

Советниците од ВМРО ДПМНЕ го напуштиле состанокот, со образложение дека одлуката која беше изгласана на вонредната седница за нив е легитимна, а координативната средба ја оценија како политичка игра.

Изгласаниот заклучок на вонредната седница на Советот на Град Скопје со кој на приватните превозници им се зголемува цената за изминат километар за 30 денари беше одбиен од скопската градоначалничка Данела Арсовска со образложение дека заклучокот бил изгласан без кворум.

Стручните служби на администрацијата на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска со допис до претседателот на Советот Трајко Славески, го информираат дека „заклучок гласан без кворум, со присуство на само 19 советници во салата на Советот, не може да се смета за донесен“ и, како што велат „нема да учествуваат во изготвување на незаконски акти кои се спротивни на позитивните законски прописи“.

За ваквото, како што се посочува во дописот, „незаконско постапување и заканите по стручните служби“ ќе бидат известени соодветните надлежни органи и пошироката јавност.

-По завршување на расправата, спротивно на член 87 од Деловникот на Советот на Град Скопје, без кворум односно неопходното мнозинство за работа од 23 советници, без соодветно од страна на стручните служби да биде утврден бројот на советници присутни во салата и бројот на гласови, своеволно изјавивте дека заклучок е донесен и притоа повикавте вработените во градската администрација и градоначалникот да постапуваат – се вели во дописот од стручните служби на администрацијата на Град Скопје и градоначалникот.

Во него, исто така се посочува дека во текот на расправата на седницата, Славески како претседател на Советот спротивно на законот и на деловникот на Град Скопје, во повеќе наврати го ускратил правото на изјаснување на присутните и не им дозволил на преставниците на градската администрација стручно да се произнесат по точката на дневен ред.

 -Предложивте со заклучок во најкус можен рок да се достави изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот остварен километар, со тоа што износите во табелата за цена по километар да се зголемат за 30 денари, соодветно и истата да се применува до истекот на важноста на договорите кои Град Скопје ги има со приватните превозници. Ваквиот заклучок кој не произлегува од поднесената иницијатива, гласан без кворум, односно со присуство на само 19 советници во салата на Советот (за што постои видеозапис), не може да се смета за донесен. Стручните служби во градската администрација и градоначалникот во ниту еден момент и на никој начин нема да бидат соучесници во Вашето грубо прекршување на Статутот, Деловникот на Советот на Град Скопје и конкретното незаконско постапување“ – се наведува во дописот и се нагласува дека предложениот заклучок е незаконски и не спроведлив.

Воедно, градските власти во дописот објаснуваат дека измена на вредност на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници, не се врши со зголемување по нечија желба во висина од 30 денари, туку врз основа на критериуми базирани врз трошоци за гориво, бруто плата на возачи, трошоци за резервни делови, за регистрација, технички преглед и осигурување, трошоци за потрошен материјал и одржување, амортизација, сервис на возила, паркинг и разумна добивка.

-Секој поинаков предлог и донесување на акт е спротивно на позитивните законски прописи и подзаконски акти, а доколку реалната цена добиена согласно горенаведените критериуми е пониска од онаа која вие сте ја договориле без соодветна анализа и факти, истото ќе предизвика штета на буџетот на Град Скопје и прибавување противправна имотна корист на други лица – пишува во дописот.

 (А.П.)

Блокирана сметката на ЈСП

Веќе неколку дена е блокирана сметката на ЈСП бидејќи должи за нафта на добавувачот, вели директорот на ЈСП, Драги Кушовски, кој не можеше да ја прецизира точната сума на долгот. Кушовски потврди дека ЈСП објавил тендер за директни преговори, но никој не се пријавил.

 – Оваа блокада нема да има импликации врз тендерот за набавка на гориво и платите на вработените – рече Кушевски, додавајќи дека и покрај финансиските проблеми, претпријатието продолжува со својата работа.

Кушевски посочи дека моментално не ја знае точната сума на долгот кон добавувачот, но нагласи дека се преземаат мерки за надминување на ситуацијата.

 

ИЗДВОЕНИ