Недела повторно работен ден?

Повторно се постави прашањето за недела неработен ден. И покрај тоа што Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Стопанската комора за недела неработен ден, бизнисот не попушта. Работодавците и стопанските комори велат дека одлуката за недела неработен ден треба повторно да се стави на маса и да преиспита дали позитивните ефекти од досегашното нејзино спроведување се поголеми од негативните. Тие остануваат на ставот дека одлуката е избрзана и дека била донесена со цел тогашната власт да им се умилкува на синдикатите и на работниците. За синдикатите, пак, нема дилема дека недела треба да остане неработен ден, а, освен недела, на дневниот ред на сегашната Влада ќе го стават и барањето за 35-часовна работна недела. Оттаму додаваат дека веќе не треба да се прават отстапки околу недела неработен ден, затоа што доволно сме ја „раскрчмиле“

2047

Повторно се постави прашањето за недела неработен ден. И покрај тоа што Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Стопанската комора за недела неработен ден, бизнисот не попушта. Работодавците и стопанските коморит велат дека одлуката за недела неработен ден треба повторно да се стави на маса и да преиспита дали позитивните ефекти од досегашното нејзино спроведување се поголеми од негативните. Тие остануваат на ставот дека одлуката е избрзана и дека била донесена со цел тогашната власт да им се умилкува на синдикатите и на работниците. За синдикатите, пак, нема дилема дека недела треба да остане неработен ден, а, освен недела, на дневниот ред на сегашната Влада ќе го стават и барањето за 35-часовна работна недела. Оттаму додаваат дека веќе не треба да се прават отстапки околу недела неработен ден, затоа што доволно сме ја „раскрчмиле“.

– Треба да видиме кои се добрите, а кои лошите страни на недела неработен ден, па потоа да се види што да се прави. Многу земји во развој досега донеле ваква одлука, па ја повлекле. Позитивно е тоа што работниците имаат повеќе слободно време, а негативните последици се големи, особено за неразвиените земји. Кај нас, проблемот не беше дека работниците не сакаат да работат, туку непочитување на одлуката од некои работодавци за исплата на повисока дневница за 50 отсто. Сега имаме ситуација во компаниите каде што одредени оддели имаат право да работат во недела, а други не, работниците да сакаат да работат во тие оддели за да добијат дневница плус – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Сепак, тој смета дека Владата треба да го преиспита решението за недела неработен ден со цел да се види дали се поголеми позитивните ефекти од негативните.

– Ставот на работодавците е ист, односно дека одлуката за недела неработен ден е избрзана. Претходната Влада ја донесе одлуката со цел да им се умилкува на синдикатите и на работниците и да создаде слика дека се грижи за работниците – додава Димитров.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека нема дилема дека треба да остане недела неработен ден и оти на сегашната Влада ќе ѝ го стават на маса и барањето за 35-часовна работна недела.

– Недела треба да остане неработен ден. Во некои европски земји, веќе не се работи и во петок и во сабота, односно се воведе четиридневна работна недела. И се покажа дека не се загубило ништо од продуктивноста на работниците и од добивката на компаниите. Продуктивноста дури се зголемила, бидејќи работниците повеќе се залагаат да го сработат за четири дена тоа што го работеле за една недела – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радоски од ССМ.

Од ССМ велат дека остануваат на барањето за 35-часовна недела во оние сектори каде што може да се воведе.

– Им дозволија на дуќаните во Струга и во Охрид да работат во недела, но тоа треба да важи само во текот на туристичката сезона. Да не се прават повеќе отстапки за недела неработен ден, затоа што доволно ја раскрчмивме. Се загуби суштина за која беше донесена одлуката за недела неработен ден – додава Радоски.

Од Синдикатот велат дека и покрај казните, има компании што не им исплаќаат 50 отсто повисока дневница на работниците за работа во недела.

Од ССМ најостро се спротивставуваат на барањето на Стопанската комора за преиспитување на одлуката за недела неработен ден и велат дека доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време ќе нема работници, а газдите ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат. Истовремено, потсетуваат дека за работниците во Македонија и сабота е неработен ден, бидејќи работната недела трае пет работни дена.

Стопанската комора повторно побара средба со синдикатите, на која ќе ги соочи аргументите за недела неработен ден. Како што рече претседателот на Комората, Бранко Азески, секој закон од системски карактер треба да се анализира по шест месеци или една година  за да се види дали треба да се коригира или сосема да се менува.

Комората останува на ставот дека не треба да се носат ад хок решенија, без да се види како ќе влијаат тие врз работењето на фирмите.

Според Азески, треба да се направи анализа на законот, кој директно „брцнува“ во џебот на бизнисот. Тој претходно укажа дека е неопходно да се разрешат сите прашања што создаваат проблем во работењето на бизнисот. Притоа, ги посочи законите за извршување, парафискалните давачки, холдингот, регулаторната гилотина, недела неработен ден, како и прашањата врзани за многуте неработни денови.

(А.С.)